Харадинај: Шестте турски државјани се депортирани без мое знаење
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај потврди дека шестте турски државјани се депортирани без негово знаење, истакнувајќи оти тоа било „билатерална операција на разузнавачките служби на двете држави“.
Харадинај посочи дека смената на министерот за внатрешни работи Фламур Сефај и директорот на косовската разузнавачка служба (АКИ) Дритон Гаши, е основана.
– Депортацијата е кршење на хиерархијата на одлучување. Ова е институционален преседан, што не смее да се случи во иднина, истакна Харадинај.
Во Косово во четвртокот беа приведени и екстрадирани шест турски граѓани под обвинение дека се поврзани со училишта финансирани од движењето на Фетулах Ѓулен, кој за Анкара е организатор на неуспешниот државен удар во јули 2016 година.
Дел од балканските држави се под притисок на Турција да ги затворат приватни училишта поврзани со муслиманскиот проповедник Ѓулен, кој живее во САД. Тој отфрла каква било врска со пучот во 2016 година во Турција.