Функционер и пратеник ја тужат државата за два милиони евра


Пред тринаесет години на кејот на Вардар во близина на скопското Кале требаше да почнат да се градат хотелски комплекси и деловни објекти. Локациите се продадени, но и до ден-денес инвеститорите не почнаа со градење. Од 2007 година за три парцели се води судски спор. Шест години државата ги тужеше сопствениците, а од 2015 се сменија улогите во судскиот процес и сега газдите на парцелите ја тужат државата. Ова не е само еден од долгите процеси што се водат пред македонските судови, во оваа приказна се испреплетени политика и моќ.

Сопственик на две парцели е заменик-градоначалникот на Скопје, Енвер Малиќи, и една поседува пратеникот од ДУИ, Ејуп Аљими. Тие бараат државата да им врати 2.167.000 евра, односно 1.254.000 илјади евра на Малиќи и 913.000 евра на Аљими.

Парцелите купени осум дена пред избори

Битката за државното земјиште почнува непосредно пред изборите на 5 јули 2006 година, кога на власт е коалицијата СДСМ – ДУИ. Министерството за транспорт и врски го раководеше Џемали Мехази, кој на 23 мај 2006 година објави оглас за отуѓување три локации со градежно неизградено земјиште за изградба на хотелски комплекси во Општина Центар под Кале.

Јавното наддавање се случи на 8 јуни, кога Енвер Малиќи преку својата фирма „Гемак-траде“ купува две парцели во вкупна површина од 11.153 квадратни метри, а соседната локација со површина од 5.225 квадратни метри како најдобар понудувач ја добива Ејуп Аљими.

На наддавањето учествувале повеќе фирми, меѓу кои: „Дивелоп груп“ на бизнисменот Александар Ивановски, познат како Алек Теранова, „Славија спектар“ од Охрид, „Унија финансиска“, како и неколку физички лица. Но победува тандемот Малиќи и Аљими.

Малиќи едната локација ја купува по цена од 3.750 денари за еден квадратен метар, а втората за 10.000 денари за квадратен метар. Аљими својот дел го добива за цена од 10.050 денари по квадратен метар. Осум дена пред изборите, на 27 јуни 2006 година, министерот Мехази со бизнисменот Малиќи и неговиот сопартиец од ДУИ, Аљими, склучува договори за отуѓување на градежното земјиште. Планот на Малиќи е да гради три хотели, трговски центри и угостителски објекти.

Министерството бара раскинување на договорите, ДУИ повторно се враќа на власт

Плановите на двајцата инвеститори се изјаловија со промена на власта. На изборите во 2006 година победи ВМРО-ДПМНЕ, а за свој коалициски партнер не ја одбра ДУИ, туку од албанскиот блок во Владата влезе Демократската партија на Албанците на Мендух Тачи. Министерската позиција во транспорт ја доби ВМРО-ДПМНЕ и на местото на Мехази дојде Миле Јанакиески.

Неколку месеци подоцна, во март 2007 година, јавниот правобранител побара Министерството за транспорт да ги раскине договорите со Малиќи и Аљими бидејќи се склучени спротивно на Законот за спречување на корупцијата, односно во текот на изборната кампања и осум дена пред изборите на 5 јули. Почнува судска постапка – државата против „Гемак-траде“ на Малиќи и Аљими.

По една година, на предвремените парламентарни избори во 2008 година се менува власта. ДУИ повторно влегува во Владата овој пат како коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ. Судската постапка за парцелите под Кале стасува до Врховниот суд, кој во јануари 2013 година пресудува во корист на Малиќи и Аљими и тие се впишуваат како сопственици на земјиштето.

Во меѓувреме, бизнисменот Енвер Малиќи, уште пред да ја добие тужбата, станува еден од сопствениците на комплексот „Парк резиденс“, кој се наоѓа буквално спроти спорните парцели, но од другата страна на Вардар. Тоа е објектот познат како Кинески ѕид, веднаш зад Градскиот стадион. За време на министерувањето на Јанакиески ова здание, кое требаше да се урива, беше легализирано и во 2014 година почнаа да се продаваат првите станови и деловни простори.

Откако се разработи овој станбено-деловен комплекс, Малиќи и Аљими во 2015 година одлучуваат да ја тужат државата за да им ги врати парите, а тие парцелите. Причината е поради тоа што во меѓувреме се сменил Деталниот урбанистички план за овој дел од Центар и тие не можат да изградат три хотели. Според новиот план, можело да се гради само еден хотел.

Во јануари 2018 година донесена е првостепена пресуда во корист на тужителите, односно Основниот суд Скопје 2 му наложува на Министерството за транспорт да ѝ ги врати парите на фирмата „Гемак“ на Малиќи. Бидејќи веќе се насетувал судскиот исход, државното правобранителство парите што треба да ги враќа, 2,1 милион евра, ги става во судскиот депозит со цел да спречи дополнителни трошоци со течење камата.

Минатиот месец „Гемак“ доби потврда на првостепената пресуда и од Апелацискиот суд, а се очекува исходот и за другите две парцели за кои исто така треба да одлучува повисокиот суд. Кога го прашавме заменикот на Шилегов зошто се откажал од идејата да гради од другата страна на Вардар, тој кусо изјави:

„Не би сакал во моментов да коментирам бидејќи сè уште трае судската постапка “.

Не сакаше изјава да даде ни неговиот бизнис-партнер Аљими. Пратеникот земјиштето го има пријавено во својот имотен лист во Антикорупциската комисија, а парцелите на Малиќи се водат на име на неговата фирма „Гемак-траде“.

Овој долг судски случај, кој трае веќе тринаесет години, е споменат и во извештајот на Државниот завод за ревизија за „Ефикасност на политиките и мерките при управување со градежно земјиште“. Државниот ревизор предупредува дека тоа има штетни последици за двете страни. За сопствениците на парцелите кои не можат да ги реализираат своите планови, како и штета на буџетот со оглед дека треба да се вратат парите за купените парцели со камата.

Според актуелниот ДУП на Општина Центар за делот покрај реката Вардар под Кале, предвидено е изградба на неколку хотелски комплекси. Сите локации беа продадени од 2006 до 2014 година. Медиумите пред неколку години објавија дека хотел во барок-стил под Кале ќе гради и лидерот на ВМРО – Народна партија, Љупчо Георгиевски, кого го поврзаа со фирмата „ХМ инвест груп“, која победи на аукција за добивање нпарцела по цена од 44 евра за еден квадратен метар.

Бизнисмен или политичар

Енвер Малиќи, еден од најбогатите македонски граѓани, во политиката влезе пред година и пол кога беше именуван за заменик-градоначалник на Скопје. Често нагласува дека не е член на ниту една политичка партија и оти на функцијата се нафатил бидејќи е роден скопјанец и сака да му се оддолжи на градот каде што израснал и живее.

Но тој на последните локални избори високо котираше во ДУИ и беше втор на советничката листа на оваа партија за Скопје. Вели дека имал повеќе понуди, а се одлучил за ДУИ.

„Јас не сум политичар туку бизнисмен кој, без лажна скромност, добро знае да ги менаџира работите, па ќе се обидам тоа да го направам и со мојот роден град. Со моето искуство, контактите и со влијанието се надевам дека ќе му помогнам на градот и на сите негови граѓани во потрагата по подобар урбан живот. Ако успеам барем малку да придонесам градот да биде чист, зелен, со паркови и со подобрена инфраструктура, ќе сметам дека сум ја исполнил мисијата. Конечно, во политиката, на оваа позиција, не влегов да земам туку да дадам.“, изјави Малиќи за „Независен весник“ по именувањето за заменик-градоначалник на Скопје.


Пред неколку месеци Енвер Малиќи доби уште една титула, односно Владата го прифати предлогот на Мексико и за именување на Малиќи за нејзин почесен конзул во земјава.

Maja Јовановска