Французин сакал да си замине од Македонија со 3 килограми марихуана


На Скопскиот аеродром вчера бил фатен француски државјанин кој сакал да прошверцува три килограми марихуана. Царинската управа соопшти дека Французинот имал намера да отпатува со лет за Париз, а при детален преглед на багажот, во куферот му пронашле 30 штеки цигари, а во торбата уште 19 штеки цигари и три пакувања наполнети со непозната материја од растително потекло. По наредба на јавен обвинител, непознатата растителна материја била доставена на вештачење со кое се утврдило дека станува збор за марихуана.

Царината информираше дека во два одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови, при контрола на два македонски автомобили, управувани од македонски државјани, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица биле откриени 47 разни делови за моторцикли и автомобили.

Исто така, при контрола на босански камион, управуван од босански државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран, царинските службеници откриле 26 парчиња разни црковни производи (ѕидни лустери, кандила, пехари, крстови, украсни кутии, дрвени украсни сталажи и еден комплет за причест). Непријавените производи, пронајдени во една преграда и над горниот кревет во кабината, како и во сандакот за сместување палети, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.