Фејсбук го доживеа најголемиот пад во историјата, низ светот се уште имаат проблеми
Фејсбук повторно проработе по најголемиот пад во историјата, но се уште има големи проблеми ширум светот, јавува „Си-ен-ен“.
Повеќе од 14 часа траат големите проблеми со најголемата социјална мрежа. Станува збор за најголемиот пад на Фејсбук во историјата. И денеска, се уште се присутни проблемите ширум светот. Ситуацијата се подобрува, но проблемите во четврток се уште постојат во одредени делови од светот.
Фејсбук преку Твитер мораше да објаснува што се случило и кои се причините за проблемот. Од компанијата не соопштија многу, само нагласија дека не станува збор за хакерски напад.
Исто така, големи проблеми имаат и апликациите „WhatsApp“ и „Messenger“. Станува збор за апликации кои се во сопственост на Фејсбук.
Првите проблеми се појавија вчера околу 17 часот по наше време. Иако Фејсбук можеше да се отвори, многумина почнаа да пријавуваат проблеми со објавите.
Проблемите се јавија и на Инстаграм. Корисниците не можеа да ја „рефрешираат“ насловната страна ниту да објавуваат фотографии. Но, утринава од Инстаграм јавија дека проблемите се тргнати.
Исто така, насловната страна на „Messenger“ не можеше да се вчита, а многумина пријавија проблеми и со „WhatsApp“, особено со вчитување на фотографиите на оваа апликација за допишување.
Проблемот е глобален. „DownDetector“ мапите утринава околу осум часот покажуваат дека луѓето ширум целиот свет имаат големи проблеми.
Што се однесува до Македонија, проблемите се воглавно отстранети. Но, тоа не значи дека во текот на денот нема повторно да се појават. Во дел од регионот се уште имаат проблеми, најголемите се во Софија, а ниту Белград, Атина и Загреб не се имуни на овие проблеми, иако не се толку големи.
Последен пат Фејсбук вакви проблеми имал во 2008 година, пишува „Би-би-си“. Но тогаш имал околу 150 милиони корисници, а за разлика од 2,3 милијарди колку што има сега.
Фејсбук, кој најмногу се финансира од огласи, во изјава за „Блумберг“ истакнаа дека истражуваат до кои мерки проблемите ги погодиле огласувачите, со можност евентуално да им се вратат парите.
Меѓутоа, тоа не е единствениот проблем со кој се соочи Фејсбук – „Њујорк Тајмс“ синоќа објави дека против Фејсбук њујоршките обвинители покренале истрага поради личните податоци кои таа социјална мрежа наводно ги споделувала со други технолошки групи.