Фестивал на современ дански филм во Кинотека
Во Кинотеката на Македонија од утре ќе се одржува првиот фестивал на дански филмови во Македонија. Филмовите што ќе се прикажуваат беа дел од поголемите европски филмски фестивали како фестивалот во Берлин, Солун, Брисел и Единбург.
„Наша цел е да ги прикажеме филмовите со кои се гордееме”, вели Кристијан Јул Лемче, водител на проектот за филмски активности за време на данското претседателство со Европската Унија.
Фестивалот се организира по повод седмото претседателство на Кралството Данска со Европската Унија и ќе трае четири дена.
Македонските љубители на филмот ќе имаат можност да го доживеат данскиот филм со сета своја разноликост.
Фестивалот ќе се отвори утревечер во 20 часот со филмот, кој во 2011 година ја доби наградата оскар за филм од неанглиско говорно подрачје: „Во подобар свет“, по што ќе бидат прикажани уште еден оскаровец од 1988 г: „Гозбата на Бабет“ (10 април 2012 во 22 ч.) и филмот-добитник на наградата „Кристална мечка“ во категоријата најдобар филм за млади на „Берлинскиот филмски фестивал“ во 2006 г „Ќе надминеме“ (11 април 2012, 20 ч.). Фестивалот ќе се затвори со проекцијата на документарен филм, вистинска приказна за поранешни богаташки што денес едвај составуваат крај-со-крај: „Добар живот“ (12 април 2012, 20.00 ч.).
Настанот е организиран од Амбасадата на Кралството Данска од Виена под покровителство на компанијата Алкалоид АД Скопје, чиј генерален директор, Живко Мукаетов, е и генерален конзул на Кралството Данска во Република Македонија.
Влезот е бесплатен за сите проекции.