Угостителите месечно собираат 80 тони стаклени шишиња за рециклирање
Над 600 угостителски објекти месечно собираат над 80 тони стаклени шишиња кои завршуваат на рециклирање.
Угостителските објекти се дел од проект на „Пакомак“ чии претставници денеска имаа средба во Скопје, а на која учествуваа и претставници од општините Карпош, Аеродром и Центар кои дадоа поддршка на проектот.
„Задоволство е да се соработува со вакви луѓе кои покажаа голема свесност за важноста да се селектира отпадот. Благодарение на овој проект Пакомак месечно успева да собере над 80 тони стаклени шишиња чија крајна дестинација се фабриките за рециклирање на стакло. Тоа значи над 200.000 шишиња месечно кои повторно ќе се преработат и ќе станат шишиња, со минимална можна потрошувачка на енергија и загадување на околината“, изјави Филип Ивановски, извршен директор на „Пакомак“.
Оваа активност, како што додаде тој, досега се покажала како многу ефикасна иако од самите угостители не бара голем ангажман, освен високо ниво на еколошка култура која посакуваме да ја имаме и кај секое домаќинство во државава.
Во ланецот на еко угостителски објекти влегуваат над 600 објекти од целата држава. Оваа година 23 угостителски објекти се закитија со признанијата за најеколошки локали и тоа La Terrazza, Pelister, Скопски мерак, Дукат, Дојрана, Барбакан, Енрико, Форца, Русија, Синдикат, Фурна, Круг, Дион, Баду, Irish Pub St.Patrick, Јавна соба, Хотел Бистра Маврово, МКЦ Клуб&Ресторан, Play city cafe, Сидро, Gnezdo, XXL, Martini.
„Are You Recycling“ е проект на „Пакомак“ кој има за цел да ги вклучи сите угостителски објекти од целата држава во континуирана еколошка акција за селектирање на стаклениот отпад. Пакомак секоја година ги избра најдобрите еко угостителски објекти.