„Убавицата и ѕверот“ се игра 20 години со иста екипа


Претставата „Убавицата и ѕверот“ во режија на Димитар Христов на 12 декември ќе ја има својата 350. изведба на сцената на Театарот за деца и младинци. Ова значи дека оваа претстава е најмногу изведувана во историјата на македонскиот театар.

Поставена е пред 20 години во 1998 година е всушност и првата претстава што се одиграла на сцената во сегашната зграда на Театарот за деца и младинци. Практично, со таа изведба започнала и работата на овој театар во тој објект.

Директорката на ТДМ, Катерина Илиевска-Силјановска, информираше дека „Убавицата и ѕверот“ се игра речиси со истата екипа и со оригиналните костими, што е реткост воопшто во театарската пракса.
Драматург на „Убавицата и ѕверот“ e Игор Бојовиќ, кој на барање на основачот на театарот, Љубомир Чадиковски, го подготвил текстот за претстава. Петре М. Андреевски го направил препевот и се погрижил од секој еден збор да направи бајка. Така, Убавицата станува Најубавата меѓу најубавите, ѕверот се преименува во Оѕверениот Ѕвер и слично. Музиката ја подготвил Славе Димитров, а за костимографијата и сценографијата бил ангажиран Александар Ношпал кој тогаш бил на почеток на својата кариера штотуку вратен од студиите во Париз. За кореографијата бил задолжен Александар Хаџиманов.

Приказната за „Убавицата и ѕверот“ е веќе позната. Суровиот и себичен принц е казнет од Злобницата Волшебница, која го претвора во ѕвер. Оѕверениот ѕвер, одглумен од Владимир Лазовски, многу брзо ќе ја засака најубавата меѓу најубавите т.е. Убавицата, претставена од прекрасната Ана Левајковиќ-Бошков. Но, за да биде симната клетвата на Злобницата Волшебница, одиграна од Катарина Илиевска-Силјановска (алтернација на Олгица Христовска), ќе мора и Убавицата да го засака Ѕверот. Ова се чини како невозможна мисија, доколку Ѕверот не добие неопходна помош од неговата помошничка наречена Скакулка, лик кој го донесе актерката Татјана Павловска-Кочовска. Токму за оваа улога, Тања, ја освојува и Меѓународната награда на Суботичкиот фестивал во 1998 година.

Театрологот Јелена Лужина смета дека со 350. изведба на „Убавицата и ѕверот“ се маркира недвижно културно наследство по стандардите на УНЕСКО.
– Во 73 години историја на македонскиот театар, од 1945, ова е најизведуваната претстава во континуитет. Имало и пред неа, 346 пати е изведена „Чорбаџи Теодос“, 334 – „Болва во уво“, 262 – „Сомнително лице“, но интересни се два факта, ниту една од овие наведените претстави кои биле со децении на репертоар, не стигнале до бројката 350 и ниту една не била изведувана во континуитет полни 20 години, со иста сценографија и костимографија, со иста екипа – вели Лужина.

Потсетувајќи се на почетоците на ТДМ, Лужина раскажа дека со години ансамблот настапувал по кина, домови за култура, во Универзалната сала, но тогашниот директор на театарот Чадиковски и тогашниот министер за култура Слободан Унковски смислиле трик, за тоа како да создадат театар за деца во сегашниот објект.

– На ова место каде што сега е театарот беше ресторан ‘Вардар’. Чадиковски и Унковски смислија трикче како од тоа да се направи театарот, тоа беше чудо и не беше верно дека ќе успее. Треба да им симнеме капа за тоа што го направија – вели таа.
Актерката Ана Левајковиќ-Бошков, која ја игра Убавицата, вели дека навистина е потребна голема страст за да се истрае толку време на една сцена.

Ношпал ја почнал кариерата со оваа претстава
Костимографот Александар Ношпал својата кариера со креирање театарски костими ја започнал токму со оваа претстава.
– Со тој ангажман започна мојата работа на театарски костими, да не се случеше тоа, не сум сигурен дали и денеска ќе го работев ова. Го сметам ТДМ како мој матичен театар, токму поради тоа што стартував оттука. Би сакал да ја обновиме оваа претстава и со задоволство повторно би работел на тој проект – рече Ношпал и додаде дека костимите се во одлична состојба благодарение на креаторката и гардероберка во театарот Љубица Велкова, која „љубоморно“ ги чува и негува сите костими.
Театрологот Лужина додаде дека тој ги направил костимите како што учел во своето елитно училиште, по принципите на високата мода и затоа овие костими издржале 20 години.
– Ова е кроено, шиено, произведено и чувано по највисоките стандарди. Му честитам на ТДМ што успеале да ги зачуваат костимите и да го имаат истиот квалитет – додаде Лужина.

Тања и Предраг ги одиграле сите 350 изведби
Сопружниците и колеги Тања Кочовска и Предраг Павловски, кои се дел од првата подела на „Убавицата и ѕверот“, имаат своевиден јубилеј заедно со претставата. Ги одиграле сите 350 изведби.
– Имам дозвола да зборува и од името на Предраг, па ќе кажам дека бевме дел до секоја изведба. Јас во улогата на Скакулка и Предраг во улогата на Таткото на Убавицата.

Лазовски најави нова зграда за ТДМ
Заменик-министерот за култура Владимир Лазовски, кој е дел од актерската екипа на „Убавицата и ѕверот“, рече дека се подготвува документација за почнување изградба на нова зграда за овој театар.
– Во овој момент би сакал да најавам дека е започната постапка и изработка на документацијата за изградба на нов објект на ТДМ. Планирано е тоа да биде на централното подрачје, а некаде до мај 2019 година да се заврши со проектната документација – рече Лазовски, кој годинава прославува 25 години кариера во ТДМ како негов матичен театар.

Ивана Настеска
Фотографиите се автентични од првата изведба