Три награди во Никшиќ за претстава по текст на Горан Стефановски


Претставата „Љубовни пози на историјата“ по текст на Горан Стефановски, а во режија на Наташа Поплавска освои три награди на Меѓународниот фестивал на актерот во Никшиќ, Црна Гора.

Претставата ја игра ансамблот на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“.

Дибитници се на награда за најдобра епизодна женска улога за Ангела Наумоска за улогата на Госпоѓица, награда за најдобра епизодна машка улога за Зоран Иваноски за улогата на Мајсторот и награда за најдобра колективна игра на ансамблот во претставата „Љубовни пози на историјата“.

Наградите се освоени во конкуренција на претстави во кои, како што истакнува жирито ( Благота Ераковиќ – претседател, Ана Вујошевиќ и Никола Василјевиќ – членови), се истакнале различни актерски стилови и актерски решенија, кои на публиката и оставиле извонреден впечаток.

Во рамките на фестивалот се одржал и омаж за македонскиот драматург Горан Стефановски, при што било потсетено дека е еден од најголемите драмски автори во регионот, чии драмски текстови се играат не само во театрите во регионот, туку и пошироко.