Тепачка за соработка со власта, Заев и Тачи договарале ново парламентарно мнозинство?
И ДПА, и двете крила на Беса, и Алијансата за Албанците преговараат со премиерот за поддршка на парламентарното мнозинство, а можеби и за повеќе од тоа.
Во период кога во парламентот стојат закони од голема важност за реформите што ги бара ЕУ, во најава е формирање ново и постабилно парламентарно мнозинство. Според пишувањата на албанските медиуми, премиерот Зоран Заев разговарал телефонски со Мендух Тачи за можноста ДПА да се приклучи кон структурите на владата.
Во новото парламентарно мнозинство, според калкулациите, би требало да се приклучат и трите пратеници на Беса, односно скопското крило на Каремани кој, пак, во неколку наврати изјави дека ако премиерот Заев испрати понуда за приклучување кон неговиот кабинет, тие се спремни да ја разгледаат.
Блискоста на лидерот на ДПА, Мендух Тачи, со главниот поддржувач на Каремани во Беса, Аднан Исмаили, се смета за клучна во формирањето нова парламентарна група меѓу ДПА и скопското крило на Беса од пет пратеници, која ќе се приклучи кон парламентарното мнозинство.
Дека ова сценарио е можно, индиректно најави и премиерот Зоран Заев. Тој на последниот брифинг со новинарите рече дека моментално парламентарното мнозинство е стабилно и има 70 пратеници. Од СДСМ ниту ја потврдуваат ниту ја демантираат оваа вест.
Во пакет со скопското крило, според информациите, се планира исто така дел од владата да биде и новата коалиција меѓу Алијансата за Албанците и Беса, односно тетовското крило на Касами, коалиција која е составена од четири пратеници, со што ќе се заокружи бројката од 70 пратеници што ја најави премиерот.
И по осум месеци од изборите, парламентарното мнозинство, такво какво што е во моментов, се соочува со проблем околу кворумот за гласање на закони кои бараат обично мнозинство. Проблемот е поголем ако се земе предвид дека македонската опозиција на чело со ВМРО-ДПМНЕ, поради притворените пратеници, стои цврсто на одлуката дека само кога ќе се дебатира за законот за јазиците ќе бидат дел од работата на парламентот, но не и за другите закони.
Блерим Исмаили