Текстилците сакаат да креираат сопствен бренд, бараат помош од државата


Се повеќе текстилни компании од земјава се охрабруваат лон – производството да го заменат со готов производ, да креираат сопствен бренд кој освен тука, би го пласирале и на надворешниот пазар. За тоа бараат поддршка од државата која би обезбедила, како што велат, субвенции за нови технологии и современи капацитети, но и од турските стопанственици зашто имаат долгогодишно искуство и голем број партнери во трети земји.

Ова беше истакнато на денешниот македонско-турски бизнис форум што го организираа Стопанската комора на Македонија Турција (МАТТО) и Асоцијацијата на извозници од Денизли.

– Не би се согласил дека состојбата во македонската текстилна индустрија е толку лоша зашто ниту еден што отворил погон, не го затворил, независно дали работи лон или сопствен бренд. Во секој случај, мора да се насочиме кон создавање сопствено производство. Добро би било државата да помогне за инвестиции во технологија и осовременување на капацитетите, изјави Александар Цоник од „А – цони“, фирма која преку 30 години е присутна на домашниот пазар.

Текстилот, додаде Цоник, мора да биде извозно ориентиран, особено во однос на готовите производи.

– Битно е да бидат стимулирани извозните компании зашто остваруваат девизен прилив, а тоа значи многу и за државата, истакна Цоник.

Според него, домашниот пазар не смее да се потцени зашто е профитабилен за македонскиот текстил.

– Нема потреба да се увезуваат некои текстилни производи кога веќе можеме да ги имаме и кај нас, потенцира Цоник.

Компаниите од Турција кои учествуваа на форумот се водечки во Денизли и членки на кластерот на производители на текстил за домашна употреба, хотели и мебел. Бараат македонски трговски и производни компании за соработка.

Асоцијацијата на извозници од Денизли брои 1.500 членки. Тие минатата година реализирале три милијарди долари извоз.

Како што рече потпретседателот на МАТТО Ајхан Узун во обраќањето на форумот, минатата година Македонија увезла од Турција текстилни производи во вредност од 91 милион долари од кои 2,5 милиони долари готови производи за домашна употреба

– Македонската текстилна индусрија главно базира на доработки кои се наменети пред се за партнерите од ЕУ, но со материјали (суровина) од Турција. Затоа треба да се испита можноста за партнерство со македонски фирми и заеднички настап на трети пазари. Македонија располага со вешта работна сила зашто текстилот е една од традиционалните индустриски гранки, потенцира Узун.

Куриозитет е, додаде, тоа што првата фабрика за обработка на свилени кожурци била основана 1894 година во гевгелија, а била сопственост на султа Хамид. Првите текстилни фабрики, пак, рече, се изградени 1888 година во Битолско со основна дејност производство на волнени производи.