Тачи би сакал да ја посети Прешевска долина, пречка српска судска одлука


Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека би сакал да ја посети Прешевската долина, но дека постојат пречки поради пресудата на српските власти. Тачи така одговори на пишувањето на некои медиуми дека в среда планирал да ги посети општините на југот на Србија, каде што живеат Албанците, објавија белградски медиуми.

– Би сакал, со најдобри желби, да ги посетам Прешево, Медвеѓа и Бујановац, но постојат пречки поради затворските казни за мене и за моите соборци, вклучувајќи го и командантот Адем Јашари. За жал, Србија не може да се ослободи од минатото, но би истакнал – имам голема желба да отидам и да ги посетам. Но, ако не постојат услови за тоа, јас максимално ќе работам за нив, каде и да сум, вели Тачи во изјава за белградски медиуми.

По повод најавите дека косовскиот претседател Хашим Тачи в среда ќе ги посети општините во Прешевската долина во Србија, министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ изјави дека полицијата во овој, како и во било кој друг случај ќе постапи според постоечките судски налози.

Пред две години, српскиот обвинител за воени злосторства Милан Петровиќ изјави дека ако Тачи дојде во Србија, ќе биде уапсен, бидејќи судот во Белград издал налог за распишување на потерница за него.

За актуелниот претседател на Косово Хашим Тачи исто така има српска потерница според која тој беше  уапсен во 2003 година во Унгарија, но по интервенцијата на тогашниот шеф на УНМИК Михаел Штајнер му беше дозволено да го продолжи своето патување. За Тачи не постои црвена потерница, иако  Србија го информираше Интерпол дека тој се бара од белградскиот суд.