Столтенберг: Русија се обидува да го дестабилизира Западот


Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја обвини денеска Русија дека се обидува да го дестабилизира Западот.

Столтенберг изјави дека ќе има состанок со британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон денеска во Брисел за да разговара за нападот со нервен агенс врз поранешниот двоен шпион Сергеј Скрипал во Британија.

– Велика Британија може да смета на солидарност од НАТО, но се уште нема барања од Лондон за активирање заедничка одбранбена клаузула ниту какво било барање за помош во британската истрага.

Тој оцени дека нападот во Солзбери е дел од „несовесен модел на однесување на Руисија кој постои со години наназад“.

– Ние на тоа одговараме на многу различни начини, изјави Столтенберг.