Со спорт против апатијата


Позитивни и насмеани луѓе, Македонија за миг заличи на среќна земја. Доволна беше само една победа, и тоа на стартот од ракометното Европско првенство, за уморниот народ да заборави на безнадежноста и апатијата што се вгнездија во секоја пора од општеството. Без оглед како ќе се одвива натамошниот тек од натпреварувањето, уште еднаш увидовме колку сме гладни за успеси. Сите почнаа да сонуваат за повторувањето на сликите од ланскиот јуни кога Скопје и Македонија славеа со европскиот ракометен првак – Вардар.

Но зошто еден ракометен натпревар кој, реално гледано, и не беше одлучувачки ја разбуди колективната еуфорија и ја избрка депресијата меѓу масата? Неколку илјади навивачи поитаа кон Загреб, таму е и политичкиот врв, власта и опозицијата конечно не се на спротивни страни…

Според социолозите, во есенцијата на човекот е да се стреми кон успех, но во нашиот случај има и дополнителна димензија: надеж и светлина во тунелот.

Генерално, човечките единки сакаат да успеат во животот, оти преку успехот се мери напредокот на општеството. Кога зборуваме за нашата земја, славењето и спортските успеси се издигнуваат на едно скалило погоре, затоа што преку вакви победи добиваме шанса да се афирмираме во светската јавност. Успесите предизвикуваат дополнително внимание на медиумите низ светот, со оглед на тоа што станува збор за мала земја, која не е толку позната во широки размери, а сепак, на пример, успева да направи нешто изненадувачки, да победи поголеми и посилни од себе. Таков беше примерот со кошаркарите кога стигнаа до полуфиналето од Европското првенство. Немаше медиум што не пишуваше за Македонија. Тоа ги радува Македонците. И трето, а можеби и најважно, се радуваме затоа што и покрај низата неуспеси на разни полиња, доаѓа до некакво олеснување, надеж и светлина во тунелот дека еден ден ќе биде подобро“, вели за „Независен весник“, социологот Ѓоко Тонески.

Џон Орвел велеше дека спортското натпреварување на меѓународно ниво го имитира водењето војна, односно го надоместува военото ривалство во мирновременскиот период. Затоа, спортот како „мека моќ“ е исклучително важен дел од современиот национален идентитет, но и стратегиско „оружје“ на државите во привлекувањето на меѓународното внимание. Од една страна, спортските успеси директно се одразуваат врз националната гордост, престиж и позиционирање на земјите на меѓународната сцена, а од друга, влијаат врз задоволството, заедништвото и чувството на припадност кон државата. Сето тоа особено доаѓа до израз на големите спортски манифестации, како што се европските и светските првенства или олимписките игри. Од тие причини, со посебно внимание се бројат успесите и медалите, се водат статистики и одново и одново државите се рангираат според спортскиот талент.

Функционирањето на државите се огледува и преку вложувањето во спортот, парите и организацискиот систем, односно колку државата чини за нејзините спортисти да ‘гинат’ за неа на борилиштата и колку кај нив е развиено чувството на припадност. Истражувајќи го имиџот на одредена земја, првата асоцијација што ќе им падне на ум на странците, веројатно, ќе биде некој посебно познат спортист или клуб. Секако, не треба да се занесуваме дека цел свет ќе знае кој е тој или ќе знае за клубот, бидејќи за нив главно ќе знаат спортските навивачи. Но континуираното известување за спортските успеси на некои држави и нејзините спортисти, фотографии на навивачи и настапи на големите спортски натпреварувања поставуваат каменчиња што со тек на време стануваат мозаик што не може да остане незабележан дури и кај оние што спортот воопшто не ги интересира“, објаснува хрватскиот социолог Божо Скоко.

Спортските социолози велат дека победнички менталитет на општеството не се вградува преку ноќ, потребна е работа и време, а пред сѐ големи победи за да го сменат „чипот“ на нацијата, која со години живее под комплексот на мала земја.

Нашиот народ е желен за успеси, поради што неретко се идентификува со странски тимови, па дури и земји. Но ништо не може да се спореди со чувството кога ‘нашите’ ќе победат, кога Вардар, а не Барселона ќе стане европски првак. Македонците сакаат да покажат дека не се воопшто инфериорни во однос на другите нации“, укажуваат психолозите.

Горан Адамовски