Совршена свадба: Совети на Дадар и на Христина Деспотовска
Природен изглед и долготрајна шминка
Најчесто невестите бараат свеж, природен изглед, долготрајна шминка која ќе трае 12-14 часа. Секако, има различни вкусови и стилови, и тоа е сосема во ред. Поретко има и такви што сакаат поинтензивна, силна шминка. Повеќето се со желба за поромантичен изглед, како за фризурата, така и за шминката. Мој совет е дека невестата треба да изгледа убаво и свежо, поточно кажано, со убав, исполиран изглед, а не да се маскира и да не личи на себе, советува познатиот мејкап-артист Александар Билјановски-Дадар.
– Затоа, внимавајте што барате. Сметам дека најдобро е да одите на фризер и на шминкер со фотографија од посакуваната шминка и во консултација, да се најдете на половина.
Задолжително е неколку дена пред свадбата да ви се направи третман на лицето и на косата, со цел да се извади максимумот на денот на свадбата и беспрекорно да изгледате на сликите бидејќи, не заборавајте, дека тие засекогаш ќе останат да ве потсетуваат на тој прекрасен ден – вели Дадар.
Дрес-код
Сѐ додека во самата покана младоженците не напишат посебен дрес-код, секогаш постои едно и единствено правило на облекување, па и однесување и целосен изглед за свадбената свеченост, советува дизајнерката Христина Деспотовска.
Да
Дамите треба да бидат во пристојни, долги или коктел-фустани, прифатливо е во која било друга боја, само не иста како на невестата. Сепак, вечерта е на младоженците, и тие се ѕвезди, а не вие, гостите. Вие сте таму за да им докажете колку ви значат и да им го направите моментот незаборавен. Машкиот дел, се знае, нема промашување, бела кошула, црна пеперушка или вратоврска, црн костум, совршено скроен, добри црни чевли.
Да и Не
Чевлите треба да ви бидат удобни, пристојни и соодветни на гардеробата и на просторот каде што е прославата, и морате да издржите во нив до крајот на вечерта, без разлика колку ве болат нозете, колку и да сте уморни.
Не
Неприфатливо е носење на фармерки на овие настани. Се знае каде се носат фармерки и тука нема дискусија.