Снегот го отежнува сообраќајот


Снежните врнежи низ цела држава го отежнаа и забавија патниот сообраќај, кој се одвива по влажни коловози, со остатоци од кашест снег, и со забрани и ограничувања за тешки товарни возила на планинските превои и дел од патиштата. Поради појава на магла видливоста е намалена од 15 до 20 метри на Попова Шапка.

Снегот засега не предизвикува проблеми во авиосообраќајот и во железничкиот превоз.

Од Автомотосојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека се воведени забрани за камиони на премините Пресека, Стража, Буково, Ѓавато и преминот Барбадос на регионалниот пат Македонски Брод – Прилеп, на патиштата Маврово – Дебар, Струга – граничен премин Ќафасан, на магистралниот пат Крива Паланка – Деве Баир, на излезот од градот, како и на регионалниот пат Валандово – Дојран, каде кај крстосница Фурка има попреченост на товарно моторно возило. Во 08:45 часот изутрина укината е забраната за камиони преку Плетвар.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.

Во сила е законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата.