Случај „Монструм“: Заев манипулира, вмешан е и Бејта


Повторното судење за случајот „Монструм“ кој се однесува на убиството на петте момчиња на Смилковско езеро е одложено за 15 мај. Причина е отсуството на обвинетиот Фејзи Азири, кој вчера бил хоспитализиран на одделението за пулмологија во скопскиот клинички центар. Неговиот адвокат Насер Рауфи донесе потврда за хоспитализација, што ја разлути специјалната обвинителка Фатиме Фетаи која побара и лекарска документација, а не само обична потврда. Судот најави дека во тек на денот ќе ја побара документацијата, но немаше услови да почне рочиштето. Случајот сега е во рацете на СЈО кое изрази подготвеност да постапува по него.

Родителите на убиените момчиња побараа судењата да одат побргу и нивната агонија да заврши. Под морална и кривична одговорност тие излегоа пред судот и изјавија дека се манипулира со судбината на нивните деца. Тие бараат судот да го објави идентитетот на двете, наводно непознати лица, чии гласови се слушаат на снимките од телефонските разговори. Исто така, инсистираат да се утврди одговорноста на петте функционери на ДУИ, за кои отворено се зборува дека наводно се вмешани во случајот. Горан Наќески, татко на едно од убиените момчиња, во име на сите родители изјави дека премиерот Зоран Заев неколкупати им ветил дека ќе ги каже имињата на функционерите на ДУИ.

-Постојат транскрипти за разговор меѓу Фејзи Азири и Невзат Бејта, но тогаш, ДУИ му беа политички противници на ценетиот премиер Заев, а сега се заедно во власта. Од тие причини, Заев сега не сака да ни ги даде доказите кои наводно биле државна тајна. Бараме судот да изврши претрес во седиштето на СДСМ и да ги пронајде доказите со кои премиерот Заев манипулира и уценува. Доколку судот смета дека изнесуваме невистини, нека го повикаат премиерот да се соочи со нас, а ние ќе го чекаме колку што ќе биде потребно – рече Наќевски.

(Г.А)