Случајот со „Новартис“ еден од најголемите скандали во Грција
Случајот со фармацевтската компанија „Новартис“, според грчката Влада, претставува скандал од невидени размери, додека политичарите чии имиња се споменати во предметот, велат дека станува збор за заговор и отфрлаат секаква вмешаност.
– Очигледно е дека станува збор за скандал што ги надминува границите на земјата, ги надминува границите на економскиот и политичкиот живот на Грција. Станува збор за скандал поврзан со одредување на цените на лековите, што влијаеше на пазарот за лекови во 29 земји, затоа што како што знаете, Грција ја креираше референтната цената за овие 29 земји, изјави портпаролот на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос .
Како што јави дописникот на МИА од Атина, „најголем скандал од формирањето на грчката држава“ е фразата што синоќа ја употреби министерот за правда на Грција, Никос Параскевопулос, кога беше обелоденет случајот, а истата формулација денеска ја изрече и грчкиот алтернативен министер за здравство Павлос Полакис во интервју за грчката телевизија Антена.
Според грчките медиуми, во целиот случај, клучна улога имаат тројца заштитени сведоци, кои под псевдоними дале исказ. Алтернативниот министер за здравство на Грција вели дека станува збор за поранешни вработени во компанијата.
– Тоа се функционери од компанијата. Што друго да се? Шпиони што се симнале од Марс? Тие се функционери од компанијата. Ги фатија дека имаат големо богатство што не можат да го оправдаат, ги притиснаа и пропеаа, изјави Полакис.
Случајот „Новартис“, денеска го разгледуваше и Политичкиот совет на владејачката партија СИРИЗА на неколкучасовниот состанок што го водеше партиксиот лидер и грчки премиер Алексис Ципрас.
Според владини извори, разговорите биле прелиминарни и биле објаснети правни прашања, а разгледувањето на предметот ќе продолжи и во следните денови.
Откако Обвинителството за борба против корупцијата, во процесот откри вмешаност на политичари, предметот беше доставен во грчкиот Парламент, каде што ќе треба да се одредат следните чекори.
Вчера , на вонредна седница, потпретседателката на грчкиот парламент ги соопшти имињата на 10-те политичарите кои се споменати во предметот во истрагата за случајот со швајцарската компанија, меѓу кои се и двајца поранешни премиери, Андонис Самарас и Панајотис Пикраменос и осум поранешни министри за здравство, финансии и труд и социјала од редовите на ПАСОК и Нова демократија.