Скопјани преферираат еколошки автобуси место трамвај


Наспроти впечатокот дека скопјани масовно користат автомобили, анкетата што ја спроведе „Брима галуп“ за потребите на „Независен весник“ покажа дека најголемиот број од нив, над две третини, за да одат на работа или за други потреби, најчесто користат јавен превоз. Според овие податоци, иако пензионерите имаат право на гратис-возење четири дена во неделата, вклучувајќи го и викендот, сепак, младите повеќе го користат јавниот превоз во Скопје бидејќи патуваат и по неколкупати дневно. Околу идејата за евентуално проширување на јавниот превоз со трамвај или метро, скопјани се скептични и место „шини“, повеќе сакаат да се возат со автобусите, но да бидат поеколошки – хибридни, електронски или на гас.

На прашањето каков вид транспортен превоз најчесто користите за извршување на секојдневните активности, дури 68 отсто од испитаниците го посочиле јавниот превоз, автомобилите се на второто место со 47 отсто, а третото место на пиедесталот му припаѓа на одењето пеш (33 отсто), додека возењето велосипед испаѓа најнепопуларно. Тоа покажува колку тешко се менуваат навиките, и покрај засилените кампањи, мерките за субвенционирање на велосипедите, како и зголемувањето на километражата на велосипедските патеки, бидејќи ова превозно средство учествува со многу помал дел – само 11 отсто.

 

 

Без оглед на податокот дека најчесто превозно средство е автобусот, една друга компонента во истражувањето покажува дека клучевите од автомобилот тешко се оставаат. Имено, дури 61 отсто од испитаниците сметаат дека замената на автомобилите со јавен превоз воопшто не би придонела (или не би придонела) за намалувањето на загадувањето на воздухот! Една четвртина сметаат дека би придонело донекаде и само 12 отсто дека многу би придонело. Воочливо е дека токму оние што интензивно го користат јавниот превоз сметаат дека замената на автомобилите со автобус е фактор што би придонел во намалување на аерозагадувањето. Спротивно на нив, оние што ретко го користат јавниот превоз и главно се возат со автомобил, сметаат дека транспортот не е реалниот загадувач.

Граѓаните очигледно се повеќе склони на користење само едно превозно средство (54 отсто), а останатите 46 отсто користат комбиниран превоз. Најчеста комбинација се автобусот со одењето пеш или автобус со автомобил. И, тука го нема велосипедот.

Речиси две третини или 64 отсто од лицата постари од 65 години јавниот превоз го користат еднаш до двапати неделно, или неколкупати месечно. Тоа е демографската возрасна група што најчесто го употребува јавниот превоз за одење на лекар или пазарење. Наспроти тоа, 54 отсто од оние на возраст меѓу 18 и 24 години јавниот превоз го користат секој ден или повеќепати дневно за одење до факултет, училиште, работа и за забавни и културни посети – театар, кино, трговски центри, спортски настани, концерти…

Една третина од жителите на Скопје користат поретко од еднаш месечно или воопшто не го користат јавниот превоз. На прашањето која е причината, практично најмногу одговараат дека автомобилот им е при срце (44 отсто). Со „моторното милениче“, според нив, побрзо и поефикасно ќе ги завршат обврските во текот на денот, како и да одат на места кои се на поголема оддалеченост. Останатите причини покрај здравствените (12 отсто), лежат, како што велат, во аномалиите во јавниот превоз.

 

Притоа, постои одредено незадоволство од воведувањето на новиот начин на наплата – автобуските картички (шест отсто). Метежите и доцнењето, пак, ги одвраќаат од автобускиот превоз седум отсто од испитаниците, а лошата поврзаност и немањето доволно линии го детектираат како проблем три отсто од анкетираните. Седум отсто од неколкуте понудени опции кажале дека немаат потреба да се возат со автобус, а осум отсто рекле дека не го употребуваат бидејќи сè им е блиску.

„Мажите за разлика од жените во многу поголема мера го преферираат автомобилот пред јавниот превоз поради ефикасноста и брзината во извршувањето на секојдневните обврски. Испитаниците, пак, за кои здравствените причини се фактор поради кој воопшто не го употребуваат јавниот превоз, во најголема мера се жени“, забележуваат од „Брима галуп“.

Скопјани се умерени при оценувањето на квалитетот на јавниот превоз, за разлика од јасно искажаното незадоволство од условите за користење велосипед. Речиси половина од испитаниците (48 отсто) јавниот превоз го оцениле како добар, 24 отсто му дале позитивна оценка (многу добар – 19 отсто, одличен – пет отсто), а само 21 отсто му доделиле негативна оценка (лош – 15 отсто, многу лош – шест отсто).

На прашањето што би придонело за почесто да го употребуваат јавниот превоз, како приоритет граѓаните го наведуваат почестиот распоред на автобусите (56 отсто). На многумина им пречи и нехигиената (44 отсто), потоа цената на билетот (38 отсто), неточноста на пристигнувањето на автобусите и малиот број линии (36 отсто). Нови еколошки возила, пак, би биле мотив за 30 отсто од анкетираните почесто да го употребуваат јавниот превоз.

„Иако овие услови се споменуваат како најважни, без оглед на фреквентноста на користење на јавниот превоз, сепак, испитаниците што го користат овој вид превоз повеќе од неколкупати месечно во многу поголема мера ги нагласуваат од оние што го користат само неколкупати годишно или воопшто. За испитаниците што ги употребуваат приградските линии во многу поголема мера од корисниците на градските линии е важно да има почест дневен ред, поевтини билети и навремено пристигнување. Додека оние што ги користат градските линии во поголема мера ја нагласуваат потребата од нови еколошки возила“, објаснуваат од „Брима галуп“.

Идејата за трамвај во Скопје повторно заживеа пред три-четири месеци. Градските власти го најавија овој капитален проект, за што, како што рекоа, е подготвена целосна сообраќајна студија со техничко решение. Студијата, имено, предвидува изградба на првата фаза од трасата за трамвај на релација Ново Лисиче – Ѓорче Петров. Реализацијата би започнала веќе следната година, а проектот ќе тежи помеѓу 130 и 150 милиони евра. Очекувањата на властите се дека тоа ќе го унапреди јавниот превоз во главниот град и ќе влијае на намалување на аерозагадувањето. Истражувањето на „Брима галуп“, пак, покажува дека граѓаните повеќе преферираат поеколошки автобуси (хибридни, електронски, на гас), отколку изградба на шински јавен превоз, како трамвај (28 отсто) или метро (13 осто). Единаесет отсто, пак, се изјасниле дека се задоволни со сегашниот јавен превоз, што може да е резултат на непознавањето на предностите на овој превоз или на неверувањето дека оваа најава ќе се оствари.

„Испитаниците што изјавиле дека го користат јавниот превоз секој ден или скоро секој ден во поголема мера сметаат дека на Град Скопје му требаат нови поеколошки возила, додека оние што изјавиле дека користат еднаш до двапати неделно јавен превоз се најголеми поддржувачи на планот за изградба на трамвај. Жените во поголем број од мажите преферираат поеколошки автобуси, додека пак мажите повеќе од жените сметаат дека на Скопје му е потребен трамвај“, велат од „Брима галуп“.

Анализата е базирана на резултати од телефонска анкета, спроведена од 28 февруари до 4 март 2019 година, на квотен примерок репрезентативен за популацијата над 18 години на територијата на Град Скопје. Примерокот е поделен на десет општини, според пол, возраст, етничка припадност и место на живеење (град/село). Во анкетата се опфатени 511 испитаници. Маргиналната грешка на примерокот изнесува +/- 4,3 отсто на ниво на доверба од 95 отсто. (Н.К.-Б.Б.)