Скопска гинекологија ќе добие „конкуренција“ во внатрешноста


Клиничките болници во Тетово, Штип или Битола ќе нудат подеднакво квалитетни услуги како клиниката за Гинекологија во Скопје. Овие три болници ќе бидат акредитирани според стандарди за родилишта и родилките нема да се препраќаат само на Клиниката за гинекологија (ГАК) или во болницата во Чаир.

Ова е една од мерките за намалување на смртноста кај мајките и кај бебињата, која во Македонија е повеќе од двојно поголема од европскиот просек. Односно, во 2016 година, починале 11,9 од 1.000 живородени бебиња, не постари од една година.Европскиот просек е 5,2 отсто.
Поради препраќањето пациенти од внатрешноста, на ГАК годишно има по 6.000 породувања наместо предвидените 3.500- 4.000 породувања за една година. До неодамна, пред набавката на дополнителни 16 инкубатори, на интензивна нега во еден инкубатор лежеа по две бебиња.

бебиња

– Утврдивме дека во овие пет здравствени установи се случуваат околу 60 отсто од породувањата, иако во Македонија има вкупно 26 родилишта. Понатаму, во секое време во родилиштата мора да има достапни живото-спасувачките лекови за мајките и новороденчињата, согласно листата на Светската здравствена установа и фондот за население на Обединетите Нации. Утврдивме дека дел од ваквите лекови не се регистрирани во Македонија, а и тие што се, не секогаш се достапни во родилиштата – рече Венко Филипче, министер за здравство.

Како причини за големата смртност се наведуваат делумната неодговорност на трудниците, недостапност на родилиштата, несоодветната и ненавремена здравствена грижа на родилките во здравствените установи. Кога станува збор за смртноста на новороденчињата, лекарите сметаат дека таа во голема мера е последица на несоодветната грижа на мајката за своето здравје додека е бремена.

– Сите податоци укажуваат на фактот дека најголем процент од починатите бебиња се родени предвреме. Малата родилна тежина, но и екстремна незрелост на виталните органи – белите дробови, црниот дроб и нервниот систем, доведуваат до фатален исход. А предвременото породување е последица на инфекции кај мајката во уринарниот тракт или на репродуктивните органи. Затоа апелирам до идните мајки да бидат поодговорни и редовно и без исклучок да одат на гинеколошки прегледи – рече Филипче.

Мерките треба да се спроведат во рок од три, шест или 12 месеци.Во оние што треба да се спроведат за три месеци се: rевидирање на упатството базирано на докази за постапување при пост – породилно крварење, упатства за следење на ризичните состојби во текот на бременоста, клинички упатства за постапување при сепса, проблеми со коагулацијата на крвта во текот на бременоста и за време на породувањето. Но исто така и упатства за постапување при покачен притисок кај мајката комбиниран со високо ниво на протеини во крвта. Сега во Македонија недостигаат клинички упатства за постапување во вакви живото – загрозувачки ситуации. Ќе се прави методологија по која ќе се согледаат вистинските причини за смртност и сериозните компликации и кај родилките и кај новороденчињата. Предвидени се и обуки на обучувачи за ефикасна грижа на штотуку родените бебиња, согласно препораките на СЗО. Филипче најави и мобилни гинеколошко акушерски услуги за ранливите категории на граѓани. Целта е да се следи здравјето на бебињата чии родители не се во можност редовно да ги носат кај педијатар.

За период од шест месеци, предвидени се обуки на стручниот кадар за ефикасна грижа на родилките и новороденчињата, но и вработување педијатри таму каде што недостигаат.

– За жал, мора да констатирам дека свеста кај дел од жените е на многу ниско ниво. Одењето на гинеколог за некои жени и натаму е табу тема. Мерките што ги презентираме се темелат на принципите за почитување на човековите права, како и на основниот принцип – „никој да не биде изоставен“, рече министерот за здравство.
Македонија сака да го достигне европскиот просек за смртта кај бебињата за помалку од две години.

С.С.З.

Мобилни гинеколози ќе ги посетуваат жените
Во 40 општини од 80 општини жените немаат матичен гинеколог, а други 25 немаат доволно кадар. Министерството за здравство подготвува мобилни гинеколошки тимови кои ќе ги посетуваат и жените и родилките по раѓањето на бебето. Тие ќе пружаат нега и едукацијата таму каде што немат матичен гинеколог.
Филипче тврди: Нема замена на бебиња
Не постои апсолутно никаква ситуација во која што бебе недостига, или било заменето, одговори министерот за здравство откако родител обвини дека на ГАК не му било дадено да го види своето бебе и се сомнева дека е заменето.
– После консултацијата со директорката на гинеколошката клиника, утврдивме дека станува збор за недоразбирање помеѓу семејството на бебето и медицинскиот персонал кое после прераснало во кавга. Не постои апсолутно никаква ситуација во која што бебе недостига или било заменето. Бебињата во таа возраст се идентификувани со бројчиња а не со имиња, и сето тоа било како што треба. Значи нема проблем со евиденција, туку биле прешкртани неколку букви во презимето – рече Филипче.