Силјановска: Политиката не смее да нема критика


Кандидатката за претседателка на Македонија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова денеска на 18-тата годишна конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ побара поддршка.

– Македонија е во женски род не случајно, сите ние сме растеле, сме се радувале со песни со ора, со фолклор, во нив умирале, се мажеле и женеле за Македонија, мечтаеле за Македонија. И политиката е именка од женски род, понекогаш за да ги заведам студентите се обидувам драмски да настапувам велејќи им дека политиката некогаш била уметност на можното, а за бракот пак велам да бидам искрена бидејќи тоа е заедница за што вреди да се живее велам дека е уметност на неможното – рече Силјановска Давкова и додаде дека обично на свадбите кога им подарува нешто, најчесто книги, го пишува ова.

– Велам дека вреди да се проба и првата и особено втората уметност. Јас бев во политиката едно време и мислев дека тоа не е мојот свет, меѓутоа политиката почна да го креира нашиот живот и кога зборуваме за добри политики тогаш имаме и добар живот, но се случија нешта кои наместо уметност на можното покажаа дека политиката може да биде на некаков начин, земена, украдена и окупирана од мал дел на луѓе, потенцира Силјановска.

Таа додава дека не смее политиката да биде во рацете на неколкумина и не смее таа да биде само еднострана и да нема критика.