Секретаријатот за Рамковниот договор може да стане министерство, но нови вработувања нема да има


Постои иницијатива Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор да прерасне во министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, потврди денеска вцепремиерот Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање.

-Законодавниот дел од Рамковниот договор е исполнет со донесување на Законот за употреба на јазиците и сега повеќе размислувањата и фокусот треба да бидат на имплементација на законските решенија, на духот на Договорот и новите договори што ги имаат потпишано државата, но и на односот меѓу заедниците, рече Османи по средбата со претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

Според него, нема да има вработување на нов кадар доколку Секретаријатот за Охридскиот договор прерасне во министерство, туку само ќе се префрли досегашниот кадар со кој тој располага.