СДСМ чека ВМРО-ДПМНЕ да каже „да“ или „не“


 
Политички жешка завршница на летото ја очекува Македонија поради есенскиот референдум за името, а особено поради тактизирањата на опозицијата да го каже нејзиниот став во однос на поставеното прашање. Веќе следната недела ќе почне да се загрева кампањата, иако нејзиниот официјалниот старт е на 10 септември. Повеќето владини функционери се вратија од одмор и веќе испраќаат пораки во јавноста за значењето на договорот со Грција и за неопходноста од што поголем одѕив на 30 септември. Од СДСМ вчера упатија јавен повик до ВМРО-ДПМНЕ да изгради јасен став за референдумот, посочувајќи дека сега опозициската партија во изминатата деценија постојано се повикуваше на референдумот на кој граѓаните ќе го имаат конечниот збор за надминување на проблемот со името.
– Цела деценија, во секој јавен настап и во секоја своја програма ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека за решението на спорот со Грција граѓаните ќе го имаат последниот збор на референдум. Сега кога референдумот е извесен, кога е постигнат историски договор кој носи членство во НАТО и ЕУ со зачуван идентитет, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ немаат јасен став. Неодговорното однесување на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиното раководство е штетно за државата и за сите нејзини граѓани – се наведува во повикот на СДСМ.
Од владејачката партија бараат Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да се изјаснат за референдумот и јасно да соопштат за што се залагаат – за светла иднина или, како што е наведено, за темно минато? Дали се членство во НАТО и ЕУ или амнестијата на криминалот им е поважна од сè?
– Ако се за иднина, ако се за членство на Македонија во ЕУ и во НАТО, раководствово на ВМРО-ДПМНЕ треба да излезе и да ги повика своите членови да гласаат на референдумот. Граѓаните и сите прогресивни сили кои се обединија околу иднината на земјава нема да дозволат неодговорното однесување на Мицкоски да ја втурне Македонија во нова изолација – велат од СДСМ. Од партијата посочуваат дека заедно со сите политички субјекти и прогресивни сили кои се на страната на иднината, на страната на НАТО и ЕУ, ќе овозможат волјата на граѓаните да биде целосно испочитувана и реализирана.
Последните најави од ВМРО-ДПМНЕ се дека партиското раководство ќе го изнесе својот став за референдумот најдоцна до стартот на кампањата. Во изминатите денови опозициската партија речиси воопшто не се занимаваше со ова прашање, барем на јавна сцена, туку нејзина главна преокупација се моментно обвинувањата што ги испраќа на адреса на Владата за случаите со судири на интереси. Проценките се дека ВМРО-ДПМНЕ ќе тактизира уште извесно време, со оглед на тоа што последната анкета покажа благо зголемување на рејтингот на партијата, за што како главна причина се посочува приклонувањето кон противниците на договорот со Грција. Од друга страна, поделеноста во партијата, според проценките, исто така влијае на одолговлекувањето на одлуката за тоа каков повик ќе испрати ВМРО-ДПМНЕ до своите гласачи. Со оглед на тоа, што дел од старите структури во партијата веќе се влезени во кампања за бојкот, а меѓу новите сили едни се за излегување и гласање „против“, а други за поддршка за членството во ЕУ и во НАТО, не се исклучува можноста врвот на ВМРО-ДПМНЕ да даде инструкција за настап по сопствено убедување на 30 септември.
Александар Кржаловски, главен извршен директор на МЦМС, кој ја спроведе најновата анкета за референдумот и за партиските рејтинзи, смета дека ВМРО-ДПМНЕ веројатно нема да повика на бојкот на референдумот. Неговата проценка е дека е многу веројатно опозициската партија да донесе одлука за гласање „против“ или поточно „не“ на референдумското прашање. Другата мошне веројатна опција, како што посочува, е да им се сугерира на опозициските гласачи да постапат по сопствено убедување, со оглед на силното внатрепартиско лоби кое стои зад кампањата за бојкот што веќе се води најмногу преку социјалните мрежи.

Кржаловски посочува на најмалку три причини поради кои смета дека опозициската партија нема да се одлучи за бојкот. Првата, вели, е искуството од референдумот во 2004 година за кое ВМРО-ДПМНЕ до ден-денес го критикува СДСМ поради кампањата „некои прашања не заслужуваат одговор“; како втора причина ги посочува долгогодишните залагања на ВМРО-ДПМНЕ за референдум на името, а трето, ставот на Европските народни партии, посочувајќи дека оттаму ја охрабруваат ВМРО-ДПМНЕ да се однесува демократски и проевропски.
Вкрстувањето на податоците во последната анкета на МЦМС покажува дека околу 40 проценти од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ се за бојкот на референдумот, но сепак е повисок процентот на оние што се за учество. Најмногу од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, околу 50 отсто, се за гласање „не“, а шест проценти сметаат дека треба да се одговори со „да“ на референдумското прашање.
– Сметам дека одлуката за тоа како ќе постапи ВМРО-ДПМНЕ на 30 септември ќе биде клучна за тоа колкав ќе биде одѕивот, односно дали ќе се постигне цензусот од над 50 отсто. Доколку ВМРО-ДПМНЕ повика на учество на референдумот, големи се шансите тој праг да биде постигнат, со оглед на тоа што анкетата покажува дека мнозинството партиски поддржувачи се против бојкот – вели Кржаловски. Од друга страна, посочува тој, прашање е дали ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на поделените ставови во партијата во поглед на референдумот, ќе се вклучи активно во претстојната кампања. Доколку партијата повика на гласање „против“ и реши да води таква кампања, тогаш, поради сегашното одолговлекување со одлуката, ќе ѝ биде потребен дополнителен напор да фати чекор со кампањите за бојкот и за гласање „за“, кои веќе течат на големо.
 
Испливаа старите проблеми со Избирачкиот список
Уште првиот ден од увидот во Избирачкиот список, испливаа на површина старите проблеми со евидентирани „фантоми“, починати лица, злоупотребени адреси. Од невладината „Цивил“ јавија вчера дека до нив уште од старт пристигнале десетина пријави за проблеми.
– Старите проблеми, наспроти уверувањата од политичарите и од ДИК, сè уште се евидентни. Фантомите во Избирачкиот список се вратиле и удобно се сместиле на адресите на граѓанките и граѓаните што се јавија во нашата организација – велат од Цивил.
Оттаму додаваат дека добиле и една пријава за починато лице што сè уште фигурира во Избирачкиот список. Како што посочуваат од „Цивил“, граѓаните ги информирале дека веднаш се јавиле во ДИК да пријават неправилности, но оттаму, како и на претходните изборни процеси, ги упатувале да се јават во МВР.
„Гласачите повторно ја слушаат старата приказна: секогаш некој друг е одговорен“, реагираат од „Цивил“ и ги повикаа институциите да го поедностават процесот на решавање на случаите што ќе ги пријават граѓаните.
Увидот ќе трае до 23 август, а списокот во кој се можни корекции на податоците на граѓаните брои моментно 1.805.700 гласачи. Најдоцна до 7 септември ДИК ќе го заклучи Избирачкиот список во кој ќе бидат извршени сите промени што произлегле од увидот, така што се очекува бројката на гласачи да се промени.
Референдумот ќе го спроведе новиот состав на ДИК кој беше избран на крајот на јули и уште од првиот работен ден ги почна подготовките за референдумот. Покрај тоа што повеќето од новите членови на Комисијата немаат претходно искуство во изборната администрација и што не им беше оставено време да се приспособат на новите функции, отежнувачка околност при подготовките на референдумот е и застареноста на регулативата што ја третира оваа проблематика. Во ситуација кога Законот за референдум е сосема неприспособен на Изборниот законик, членовите на ДИК се приморани да балансираат меѓу двете регулативи и да бараат некои средни решенија за нејасните ситуации.
Александра М. Митевска