СДСМ и ДУИ ќе го откријат кандидатот, ќе има ли нов професорски дуел?


Првиот „консензуален кандидат“ за претседател на Македонија ќе биде познат денеска, кога се очекува лидерите на владејачките СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, да го соопштат името на личноста која на изборите на 21 април ќе ги измери силите со професорката Гордана Силјановска-Давкова – кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ.
Според информациите, еден ден по помирувачката средба меѓу Заев и Ахмети во Собранието, не е исклучено и на шестите претседателски избори главниот дуел да биде „професорски“, слично како и во претходните два циклуси. Поточно, големи се шансите СДСМ и на претстојните избори да настапи со својот адут од 2014 година, Стево Пендаровски, сега национален координатор за НАТО, инаку професор на Американ колеџ во Скопје. На минатите избори, Пендаровски му беше противкандидат на актуелниот претседател Ѓорге Иванов, кој исто како и Силјановска е професор на Правниот факултет во Скопје. Во 2009 година Иванов се соочи во изборниот ринг со својот колега од факултетот, Љубомир Фрчкоски.
Сепак, во текот на вчерашниот ден, додека се чекаше Заев да се врати од службеното патување во Романија и Австрија, во кругови на СДСМ циркулираа различни информации околу тоа кој ќе биде владејачкиот фаворит за наследник на Иванов. Високи партиски функционери првично пласираа информација дека Заев и Ахмети го договориле името на кандидатот што ќе го објават денеска. Потоа, дојдоа информации дека и натаму се во игра сите четворица, што важеа за најсериозни можни кандидати во изминатите седмици: Пендаровски и шефот на дипломатијата Никола Димитров, како непартиски кандидати; и вицепремиерите – за одбрана, Радмила Шекеринска, и за внатрешни работи, Оливер Спасовски, како автентични партиски решенија. Оваа четворка се искристализира како ударна и во постапката за предлагање можни кандидати за претседател во општинските организации на СДСМ.
За кандидатот што го договориле раководствата на СДСМ и на ДУИ, според информациите, ќе се бара согласност од другите партии во коалицијата, како и од Извршниот и Централниот одбор на СДСМ, пред партискиот конгрес закажан за в недела. По средбата Заев – Ахмети во Собранието најмногу шанси им се даваат на Спасовски и на Пендаровски, во зависност од тоа дали одлуката е да се оди со партиско или непартиско решение.
Има и информации дека, доколку во најтесниот круг навистина остануваат Спасовски и Пендаровски, реални се шансите министерот за внатрешни работи да се повлече во корист на координаторот за НАТО. Спасовски, наводно, би отстапил со оглед на анализите и проценките дека во актуелниот политички контекст посоодветно решение за СДСМ е да оди со понеутрален кандидат, а не со тврдо партиско решение.
Тие проценки, според информациите, се базираат на резултатите од анкетите што ги правеше СДСМ во изминатиот период, а кои упатуваат на тоа дека кај неопределените гласачи подобро поминуваат партиски понеутрални профили на кандидати. Исто така, Пендаровски се смета за кандидат кој би бил прифатлив за гласачите Албанци, со оглед на тоа што уште пред пет години тој доби респектабилна поддршка во средините со доминантно албанско население, за разлика од неговиот тогашен противкандидат Иванов од ВМРО-ДПМНЕ, кој не беше прифатлив ниту за ДУИ како консензуален кандидат. Предвид е земен и ризикот од тивок бојкот на вториот претседателски круг на 5 мај, во зависност од резултатот што би го остварила кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ – Силјановска на гласањето на 21 април. Во таков случај, проценките се дека со непартиски кандидат полесно ќе се мобилизираат неопределените гласачи за постигнување на цензусот од 40 проценти.
И додека владејачката партија изразува сомнежи околу учеството на опозицијата во вториот изборен круг, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, и деновиве излезе со тврдења дека бојкотот не е опција.
„ВМРО-ДПМНЕ нема да ги бојкотира претседателските избори затоа што смета на победа“, рече Мицкоски во интервју за 1ТВ оценувајќи дека по поразот на овие избори СДСМ ќе мора да оди на предвремени парламентарни избори. Околу договорот меѓу СДСМ и ДУИ за заеднички настап на претседателските избори – со единствен кандидат, Мицкоски оцени дека тоа е „најмалку консензуален кандидат“.
„Тоа е заеднички кандидат поддржан од овие две партии за да го намалат поразот на претседателските избори и кратко да ја продолжат политичката кариера на политичарите од овие две партии“, рече Мицкоски.
Ова е втор заеднички настап на СДСМ и на ДУИ на избори, со оглед на тоа што и во 2017 година двете владејачки партии излегоа со единствени кандидати за градоначалници во општините со мешан етнички состав. Со тоа се остварува идејата за консензуален претседателски кандидат, што Ахмети премиерно ја лансираше пред минатите избори – пред пет години, а која тогаш не беше прифатлива за ВМРО-ДПМНЕ. Изненадувачки во овој случај е тоа што Заев и Ахмети за неполн час успееја да договорат заеднички изборен настап, по серија несогласувања меѓу нивните партии во изминатиот период, при што кулминација беа случувањата околу имунитетот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељаноски. (А.М.М.)