Рецензија: „Робин Худ: Почетоци“
Несомнено еден од најекранизираните ликови во филмската индустрија е Робин Худ. Ова е една од подобрите верзии која навистина изненадува со својата атрактивност бидејќи општо земено со глед на своите претходници тематски нема покажано ништо ново. Ерол Флин и Оливија де Хевиленд го запалија екранот гледајќи се со препуштање уште пред Втората светска војна. Ироничната верзија на пензионираниот заштитник на отфрлените беше претставена во седумдесеттите од страна на Шон Конери и Одри Хепберн. Мене, пак, најмногу ми се допадна верзијата на „Дизни“ со ликот на францисканецот борец кој под мантијата носи меч. Во просек би сум рекол дека секои 5 години се снима еден филм за овој херој. Литератите велат дека Петар Пан е продолжение на овој мит збогатен со славјанско влијание (како и робин – деминутив од роб) бидејќи пан значи шумски трон од пресечено дрво, сето заедно симболизирајќи ја зелената политичка ориентација која наводно станала онаа на аристократијата. Најголемата разлика која ја има овој филм е потенцирањето на ролјата на крстоносците. Ним да знаете, а и на Англичаните, розовата им е најмажествената боја; бидејќи потопени во лонец со врела вода, кога перени, крстоносните крвави кошули ја добивале оваа нијанса. Робин Худ го спасил Лавовско Срце од пленство во Дубровник. Ова се надоврзува на историските списи на Голдони кој ги опишува Хрватите како „неверојатно силен, сплотен и едноставен народ кој со своето заедништво успеал да го спречи продорот на мрачните сили кон Европа“. Нему најдобриот пријател му бил токму еден Хрват кој секогаш, исто како и Робин Худ, го спасувал од непогоди.
Сиот овој историцизам е вешто инкорпориран во ова компликувано сценарио, во режија на Ото Батхарст, со Тарон Егертон и Џеми Фокс, без да дојде до показност, така што и најобичниот гледач ја сфаќа пораката додека ужива во акционите сцени. Својот најверен пријател Робин Худ го здобива преку хуман, но неуспешен акт на спасување на нечиј син од смртна казна. Така ориенталниот зацрнет татко станува негов верен слуга, бидејќи ретко кога некој во војна покажува доблест. Овој акционен пар успева да продре и до највисоките ешалони на власта и однатре да ја раскринка закоравената корупција која владее со помош на црквата. Како што се вели во филмов- црквата го измислила пеколот за да се владее со страв. Кога бистро се расудува може да се дојде до ослободување на духот кој успева да ги совлада и најмрачните заговори. Филмов низ младешки оформените ликови ни ја претставува девственоста на едно верување, кое би ја изгубило сета моќ доколку е осквернавено и со најмалата неправда. Во случајов се сака да се каже дека не треба да се созрева со матниот товар на интересот, туку постојано треба да се верува како во најраната младост. Самиот лик на Робин е претставен како некој кој не верува во натприродни способности, туку кој мора за сè да се избори на тежок начин. Оние од горе, кога ќе почувствуваат дека им се заканува некаква промена, особено во парична смисла ги пуштаат трулежите кон долу. Всушност, горе се наоѓа секогаш некој изопачен, но лаком ум. Патот до горе му го отвориле сите оние кои се плашеле од него, поточно препознале дел од себе во него. Контроверзијата на историскиот лик на Робин Худ е лаконски надмината со неговата реплика – велат дека јас сум тој што краде од богатите, за да им дава на сиромавите. Со ова се потенцира дека тој не бил крадец како што најчесто го портретираат, туку некој кој умеел да се бори за подобро утре за сите заедно со крстоносците.
Особен епитет на овој филм се ненаметливите сценографски решенија на Жан-Винсент Пузос кои сосема незабележливо се најчесто придодадени кон автентичните локации. Тука најмногу спаѓа преубавата пикторесност на Дубровник, кој како да е украсна корица за оваа прекрасна легенда. Главните два ликови ги толкуваат совршените ѕвезди, во духот на хероизмот кој нè учи- добро е да се знае да се соработува кога е тоа со хумана цел. Доајенот Ф. Мјуреј Еберхам само со етерична присутност на екранот ја доловува заробеноста во мракот на клиентелизмот.
Игор Поп Трајков