Реакција од Министерството за култура за текстот во „Независен“ околу конкурсот „Млади Европјеци“


Министерството за култура реагира на текстот на „Независен весник“ објавен денеска со наслов „Пропусти и за новите конкурси: За „Млади Европејци“ одлучувале вработени во Министерството“.

Нивната реакција ви ја пренесуваме интегрално во целост:

„Во врска со написот со наслов „Пропусти и за новите конкурси: За „Млади Европејци“ одлучувале вработени во Министерството“, Министерството за култура жестоко ги демантира наводите кои се изнесени во овој текст.

Во насока на правилно информирање на јавноста, сакаме да нагласиме дека двајцата од членовите на Комисијата која ги разгледуваше пристигнатите проекти на конкурсот „Млади Европејци“, а кои вие ги посочувате во вашиот текст, Исмаил Мислими и Нора Шакири, не се во редовен работен однос во Министерството за култура, туку тие се надворешни соработници. Согласно овој нивен ангажман, според Законот за култура, не постојат законски пречки за нивно членување во комисии од ваков вид, а согласно истиот, Министерот назначува стручна комисија, односно надворешни соработници за оцена на пријавите (Член 63 од законот за култура).

Напоменуваме дека Исмаил Мислими и Нора Шакири, не добија дополнителни надоместоци, односно хонорари за нивното членување во Комисијата, освен средствата кои ги добиваат од Министерството за култура по основ на нивниот ангажман како надворешни соработници.

Хонорари за членството во Комисијата за конкурсот „Млади Европејци“, во висина од 10.000 денари во нето износ, добија само останатите двајца членови: Нулифер Сали и Валбона Мустафи-Алими. За петти член на Комисијата беше назначена Рената Јајоска.

Прецизираме дека по реализацијата на проектите кои се поддржани во рамките на конкурсот „Млади Европејци“, апликантите имаат законска обврска да достават наративен и финансиски извештај до Министерството за култура за проектот кој го реализирале. Доколку се воочат некои неправилости во реализацијата на проектите, Министерстото за култура има законска обрска да испрати инспекција за утврдување на евентуално незаконско трошење на добиените средства.

Што се однесува на објавената фотографија, каде што се гледа дека двајца учесници добиле финансиска поддршка, тоа не значи дека не можат да се ангажираат во проектот на другиот. Односно според пријавите доставени до Министерството за култура, проектот одобрен со 220.000 денари е десетдневен проект, а другиот пак тридневен проект. По доставување на наративен и финансиски извештај, ако се утврди дека станува збор за ист проект, ќе постапиме согласно нашите законски надлежности.

Целта на Министерството за култура со објавувањето на конкурсот „Млади Европјци“ беше да се поддржат добро аргументирани и квалитетни проекти на млади уметници, проекти кои во себе содржат европска димензија, истовремено не ја ограничувајќи ја можност за поднесување на издржани апликации на уметници од сите возрасни структури.

Комисијата која ги разгледуваше пристигнатите проекти се потруди да ги селектира сите квалитетни апликации кои имаат за цел да го збогатат културното живеење во сите градови во Република Македонија.“

Линк до текстот од Независен весник ТУКА.