Работилница за современ танц на ФМУ
Работилницата ќе се реализира во салите на Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски-Луј“ и во студиото „Брејк а Лег“, а соработката со Рупник е резултат на размената помеѓу УКИМ ФМУ и Вишата балетска школа КГБЛ во Љубљана (www.kgbl.si) во рамките на програмата за мобилност на наставен кадар Еразмус+.
Урша Рупник работи како кореограф со етаблирани уметници од современата танцова сцена во Словенија како Росана Хрибар, Грегор Луштек и Матјаж Фариќ, но има реализирано повеќе кореографски проекти и на современата интернационална танцова сцена. Последната деценија таа е асистент на етаблираниот кореограф Џо Алегадо (САД), со кого соработува како педагог, танчар, кореограф и е дел од неговата танцова компанија во Прага.
Рупник со студентите ќе работи на синтеза на современите и модерните танцови техники, основани врз нејзиното искуство како танчар и кореограф. Таа е инспирирана од работата со Алегадо и неговиот истражувачки принцип. Рупник истражува како движењата од рацете го иницираат движењето на телото во просторот создавајќи уникатна танцова динамика.
Гостувањето на проф. Рупник на ФМУ се надоврзува на низата успешни проекти на студентите на студиската програма за балетска педагогија – современ танц во рамки на нивната практична настава, иницирани и предводени од кореографот и вонр. професор на ФМУ, д-р Искра Шукарова, и реализирани во текот на 2018 година. Минатата година студентите имаа можност да работат со кореографите Урсула Еагли и Чарлс Слендер Вајт (САД), Грегор Камникар (Словенија) и Андреа Ситер (Франција).
Во мај 2019 година, студентите од катедрата за балетска педагогија –современ танц се поканети да работат со Џој Мари-Томпсон (САД) како дел од интенационалната програма во Дерида Центар во Софија (www.derida-dance.com) поддржана од страна на фондот на мрежата Global Practice Sharing.
Покрај ова, во август оваа година вонр. проф. д-р Шукарова е поканета да гостува во САД како предавач во проектот Earthdance (www.earthdance.net) во рамки на интернационалната програма за кореографи и педагози. Проектот е поддржан од мрежата Global Practice Sharing (САД), во која Шукарова е член од основањето.