Протестот за „одбрана на Македонија“ главна тема во грчките медиуми
Говорот на Микис Теодоракис, колку граѓани излегоа на протестот и политичките реакции се темите што преовладуваат во грчките медиуми по протестот во Атина. Во денешните изданија на весниците исто како и пред протестот, очигледна е поделеноста во Грција. Провладиниот печат излегува со еден, опозицискиот и објективниот печат со друг коментар, јавува дописникот на МИА од Атина.
„Гневот на народот“ е централниот наслов во весникот „Та неа“, а во продолжение, пренесени се главните пораки од вчерашниот протест. „Никаква отстапка“, е пораката од плоштадот до премиерската палата; „Ние ќе продолжиме“, одговара Коѕијас; „Еден собир не го прави голем само бројот на народот. Го прави страста на народот“ се коментарите на весникот на насловната страница.
Со сличен коментар е и весникот „Елефтерос типос“. „ Народот пишува историја, „не“ од стотици илјадници граѓани за игрите со името на Македонија“, пишува весникот на насловната страница и додава дека бројот и страста на протестот ги менуваат работите во преговорите
„Нафтемборики“ пишува дека „илјадници граѓани од цела Грција го изразија нивното комплетно несогласување за употребата на името Македонија од соседната земја“, во текстот под наслов „Река од народ на Синтагма за Македонија“.
„Етнос“ и „Ефимерида тон синдактон“ се со комплетно различни коментари од другите весници. Првиот вели дека Нова демократија се загуби во броењето, а вториот дека се кренала „многу врева за ништо“, дека имало „многу народ, многу грчки знамиња, но без страст“ и многу помалку од очекуваното, а споменато е и присуството на протестот на лидерот на Златна зора, Никос Михалољакос.
Десничарски ориентираниот весник „Димократиа“ пишува: „ Не“ за распродавање на името и на нашата историја произлезе од „референдумот“.
Говорот на грчкиот композитор Микис Теодоракис, кој освен што рече дека Македонија е грчка, упати и остри критики до грчката Влада, е една од главните теми во грчките медиуми, поврзани со вчерашниот протест.
Масовноста на собирот, исто така, го монополизира вниманието на новинарите во Грција. Грчката полиција излезе со бројката од 140 илјади, додека организаторите избоаја над милион Грци.
Колку луѓе навистина имаше вчера во центарот на Атина, е прашањето што од утрово се поставува во грчките медиуми.
Поранешниот заменик министер за надворешни работи, а сега пратеник од СИРИЗА, Димитрис Мардас, говорејќи за радиото Скај вели „ако имало околу 3.5 лица на 160.000 метри квадратни, пресметајте самите колку народ имало. “
– Податоците што беа соопштени, беа целосно точни и врз база на она што сите што се собираат на Синтагма и во околината го знаат, рече министерот за цивилна заштита Никос Тоскас, за грчката телевизија Антена, пренесува МИА.
Грчката полиција, освен официјалното соопштение за бројот на учесници во протестот, објави и речиси петминутно видео со инсерти од воздух, снимени од хеликоптер. Она што предизвика реакции во грчките медиуми, беше фактот што на видеото е избришан датумот и времето кога е снимено. Грчкиот министер за цивилна заштита вели дека датумот бил погрешен и затоа го замаглиле на објавеното видео.
– Датумот на видеото беше први јануари, нормално дека на први јануари не се одржа никаков протест – рече Тоскас за ТВ Антена.
Во истата емисија говореше и потпретседателот на грчката федерација на полициски службеници, кој смета дека видеото е од почетокот на протестот, а протестот бил многу помасовен од официјалната бројка.
– Мислам дека е очигледно дека имаше многу повеќе народ од 140 илјади. Сите овие слики треба да се од почетокот на протестот, од првите моменти кога народот се уште пристигнуваше, вели Теофилос Пападакис, потпретседател на федерација на полициски службеници.
Протестот за „одбрана на името Македонија“, како што вчера објави МИА, заврши со читање на резолуцијата, во која организаторите бараат да се исклучи „секаква можност за користење на грчкото име Македонија и изведените зборови“. Синоќа, оваа резолуција, претставниците на здруженијата – организатори му ја предадоа на грчкиот претседател.