Промоција на „Разговори за нас“ од новинарката Катерина Богоева
Книгата „Разговори за нас“ од новинарката Катерина Богоева, денеска, во 20 часот, ќе биде промовирана во Младинскиот културен центар.
Промотори на книгата се Бојан Иванов и Емилија Петреска-Камењарова.
Книгата „Разговори за нас“ содржи избор од триесет интервјуа снимени и објавени во периодот од 2000 до 2017 година во две списанија и во еден дневен весник: „Глобус“, „Премин“ и „Утрински весник“. Реализирани се во период исполнет со разни политички промени во Македонија, во време и на впечатливи настани од областа на културата и уметноста, време од новата историја на државата кое остава голема трага во севкупното живеење. Мислењата и ставовите на еминентните соговорници од неколку држави за различни прашања: археолози, етнолози, архитекти, историчари на уметност, сликари, писатели, фотографи, театарски продуцент, актер, диригентка, преведувачка, Архимандрит како и амбасадор во Јапонија, прават еден вид сложувалка отсликувајќи ја актуелната реалност, влечејќи паралели со настани од минатото, но и нудејќи различни визии за иднината. Мислења што заслужуваат да бидат пренесени и во книга бидејќи на свој начин го содржат специфичниот дух на времето во кое живееме, опасно и турбулентно, но истовремено и убаво благодарение на моќта на уметноста.
Катерина Богоева е родена 1965 година во Скопје, каде што и сега живее. Дипломирала на Интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Новинарски ангажмани: Македонско радио (Втора програма), „Утрински весник“ (и уредник на културната редакција), „ Дојче веле“, „Граѓански свет“ (новинар и уредник), „Премин“, „Глобус“, „Форум“, „ Орис“-Загреб, „Нова Македонија“.
Автор е на монографијата „Современи македонски уметници“ – „Шашуа прес“, Лондон, коавтор на монографијата „Триесет години Факултет за ликовни уметности“-Скопје, како и на публикациите: „Крушево – хабитат за човекот“ – Новинарско-правен енвиро центар „Ерина“-Скопје; „Мечката во народното творештво“ и „Голем град“ – Новинарски еколошки центар.
Добитничка е на наградата „18 Мај“ – Меѓународен ден на музеите за музејски проект за 2009 година, во категоријата Надворешен музејски соработник на ИКОМ – Меѓународен совет на музеите, Македонски национален комитет.