Промени во Саудиска Арабија: Царството на бурката ги отфрла табуата


Нада Кахтани и седумте жени со неа очекувано се собраа во атриумот на Националниот музеј. Покриени со црни бурки, нивните лица заштитени со маски од кои се гледаа само нивните очи, тие првпат ја видоа зградата и малку знаеја што всушност има внатре во неа.

Големиот нов постер на една од древните локации во Саудиска Арабија го опфаќаше најголемиот дел од ѕидот пред нив. Исто така, збир на артефакти од исламската ера заземаа челно место на самиот влез. „Има два идоли таму“, рече еден вработен во музејот посочувајќи на изложба која би била незамислива во последниве децении, кога археолошкото минато во земјата во игнорирано и честопати било одбиено.

Некогашните чувари на една култура, кои сметале дека што било пред животот на муслиманскиот пророк било време на незнаење, сега се воведени во нова ера која ја прифатила, а не избегнувала, долгата историја на регионот. Во ноември, кога беше отворена поголемата изложба, многумина се плашеа дека отвореното прикажување на артефакти, што ги сметаат некои како идолопоклонство, ќе доведе до негативни реакции. За среќа, реакциите во голема мера беа позитивни.

„Се плашев“, изјави уметничкиот историчар Маха ал-Синан. „Не знаев како ќе реагираат луѓето. Особено затоа што за првпат ѝ беа прикажани на јавноста. Религиозните верувања станаа поврзани со социјалните идеологии. Имаше потреба да се шири свеста за она што тие идоли навистина претставуваат. Не секој треба да се обожава како бог. Луѓето сега ја водат оваа промена и сакаат да ја препознаеме“.

26-годишната Кахтани беше исто голем ентузијаст. „Ние како млада генерација, мораме да ја знаеме историјата на нашиот регион,“ вели таа. „Нашите корени се тука, и осознавањето на нашиот историски идентитет е многу важно за нас“.

Надвор од музејот разбирањето на тоа како модерното кралство стигна до оваа точка е исто така во мода. Во изминатите три месеци, политичките водачи прогласија, честопати пред скептичната публика, дека признавањето на минатото на земјата е од централно значење во обликувањето на својата иднина. Дискусиите за историјата, археологијата и културата станаа дел од саудискиот речник. Исто така постојат и други поранешни табуа, како што се индивидуалните слободи – и националниот идентитет кој ги надмина границите надвор од исламот.

Полека се зазема став дека се случува вистинска промена во кралството, кое е познато по отпорот кон сѐ што е ново. Но темпото на реформската програма, која беше претставена од принцот и престолонаследник Мохамед бин-Салман, ги остави повеќето вчудоневидени.

Само минатиот месец на жените им беше соопштено дека ќе можат да ѝ се приклучат на армијата и на контраразузнавачките служби. Наскоро ќе се отворат школи за возење за жени кои ќе можат легално да управуваат со возила од јуни. Спортските арени се отворија за жените и се градат и реновираат киносали низ целата земја. Исто така, изјавата која многумина ги потресе беше на еден постар исламски лидер, кој неодамна изјави дека носењето бурка не е задолжително според исламот и дека треба да се смета како личен избор.

„Најголем дел од тоа што го знаеме е исламска култура. Важно е да знаеме дека постои нешто и покрај тоа“, вели Кахтани. „Не треба да се срамиме од тоа какви сме биле ние, Саудијците“.

Со розови тренерки кои продираа под нејзината наметка, Кахтани вели дека за неа е добредојдена бурката, особено ако се работи за личен избор. „Во исламот никој не нѐ приморувал да ги носиме“, вели таа игнорирајќи го фактот дека жените што не се придржуваа кон овој строг кодекс на облекување најверојатно биле камшикувани од религиозната полиција. „Ова за мене е избор, дел од мојот идентитет“.
Во музејот „Абдула“ посетител од Мека рече дека носењето аба е задолжително. До него стоеја неговите сестра и внука кои, покриени од глава до петици, се согласија со него. Новите културни вредности се една работа, но личните кодекси се нешто сосема друго.
„Тука тие ќе се соочат со отпор“, рече дипломат од Ријад. „Колку поддршка постои за реформска програма, која навистина е револуционерна, е многу тешко да се измери“.

Речиси една година во неговото владеење како прв човек на кралството, Мохамед бин Салман го консолидираше својот авторитет преку агендата за промени која е толку брза што ги замолчи оние што би можеле да се спротивстават. Во исто време тој елиминираше свештеници за кои сметал дека не го поддржуваат и ги отфрлил кралските ривали, кои би можеле да го преземат престолот.
Саудиска Арабија и понатаму е инволвирана во три регионални конфликти – војната во Јемен, ќор-сокакот во спорот со Катар и расправиите со либанскиот лидер Саад Харири – сите започнати од принцот Мохамед. Конфликтите имаат корени во перцепциите на Саудијците дека регионалниот ривал, Иран, ги искористил сите три арени за да ја унапреди својата агенда. Преку Ријад и во делови од Блискиот Исток, принцот е обвинет дека несвесно ги одвел сите три земји во рацете на Иран.

„Тој сѐ уште не знае како да води“, рече еден од водечките бизнисмени во Ријад. „Но се надевам дека ќе научи“.

Во главниот град на Саудиска Арабија во изминативе три месеци, се зборуваше за случувањата во хотелот „Риц Карлтон“, каде што беа уапсени титани на индустријата, раководители и политичари, кои се соочуваат со обвиненија за корупција. Акцијата наречена од принцот Мохамед како чистење од корупција и почеток на нова, потранспарентна деловна клима во едно општество кое сака да привлече меѓународен капитал, неговите критичари ја обележаа како бесрамно покажување моќ.

Еден висок регионален функционер ја опиша акцијата, која во средината на февруари заврши со неколку десетици притворени од листата со речиси 300 затворени, како „малку за сите три“ – прво, потранспарентен начин на водење бизнис на глобално ниво; второ, враќањето на средствата и готовината изгубена во децениската корупција; трето, елиминирање на преостанатите ривали на принцот Мохамед. „Како тој ќе се снајде со сето ова, допрва ќе се пишува“, вели друг висок функционер.

Исто така, неизвесно е како конзервативното општество, ненавикнато на вознемирување, ќе произлезе од таквите редовни удари на шок-терапија. Со најавите за најновите реформи што се воведуваат речиси секојдневно, постои страв дека „системот“ може да го уништи темпото.
„Има многу од средното ниво на бирократијата кои не сакаат да ги видат жените на работно место или на улиците“, изјави висок воен офицер. „Тие знаат дека најдобриот начин да се спречи ова не е да им се спротивстават на владетелите, туку да не учествуваат самите во тоа. За вистинска промена тука ќе треба многу повеќе од зборовите на еден човек, без разлика колку е тој моќен“.

На улиците на Ријад, полузавршената метро-мрежа и полуфинализираниот финансиски центар сугерираат дека јазот помеѓу амбициите и реализацијата останува огромен. „Цените се зголемија повеќе од двојно во изминатите девет месеци“, рече Махмуд Азам, градски возач. „Ако бизнисот не почне да се зголемува, тогаш ќе видите дали овие реформи успеале или не“.