Притвор од 30 дена за косовскиот пратеник Миљаим Зека


Основниот суд во Приштина му одреди притвор во траење од 30 дена на пратеникот во косовското Собрание Миљаим Зека, обвинет за закани врз обвинител во Специјалното обвинителство на Косово.

На денешното рочиште обвинителот Реџеп Маќедонци од името на Основното обвинителство во Приштина побара 30-дневен притвор за Зека, со образложение дека со заканите што ги упатил кон специјалниот обвинител Африм Шефкиу кај истиот предизвикал чувство на страв и загрозеност.

Адвокатот на Зека, Газменд Халилај, најави жалба на одлуката на Основниот суд, тврдејќи дека нема никаква основа за таква мерка за неговиот клиент.

Зека беше упасен во вторникот по налог на приштинското основно обвинителство поради изјавите што ги даде како гостин во емисија на телевизијата Т7.

Пратеникот на владејачката Иницијатива за Косово (Нисма), во интервју за телевизијата рече дека „ќе ги расчисти сметките“ со специјалниот обвинител, кој води случај против него за измама со визи.

– Јас  сум понижен. Јас ќе ја истерам правдата со овој обвинител, со канун и приватно. Никогаш нема да му го простам понижувањето, изјави Зека.

Обвинителот Шефкиу во обвиниението против Зека и негов поранешен партнер предложи 907 сведоци, од кои 900 се жртви на измама со работни визи за Германија, за кои вели дека се оштетени со вкупно околу 350 илјади евра.