Природни начини да избегнете грип


Болки во грлото, затнат нос, кашлица, болки во цело тело – сезоната на настинки и на грип почна да ги полни болниците. Според Институтот за јавно здравје, во последната недела има 2.000 новозаболени од грип, најмногу во Гостивар. Од почетокот на сезоната, вкупната бројка на „грипосани“ е околу 5.500 граѓани.

Лекарите советуваат што може да презете за да го зајакнете организамот и да не се разболите:

Здрава исхрана
Исхраната во овој период од годината треба да биде богата со овошје и зеленчук, со цели житарки, риба и со јаткасти плодови. Житарките барем во два оброци во денот се гаранција дека ќе внесувате доволно магнезиум и фосфор, но и влакна кои го штитат имунолошкиот систем. Зеленчукот е антиоксиданс, а рибата ќе осигура здрави масти. Цитрусното овошје како што се лимоните, портокалите, мандарите…е извор на витамин Ц на и Б комплекс. Комбинацијата од белковини, витамини, минерали и влакна го јакне имунитетот.

Многу вода
Водата е потребна за се што прави телото. Таа треба да се пие цел ден, во мали голтки. Особено се препорачува чаша вода наутро, на празен желудник, веднаш после будење. Минималната потреба на организамот е два литри вода дневно. Покрај неа, во сезоната на грип одлични за јакнење на имунитетот се и чаевите, особено зелениот чај поради неговите состојки.

Доволен сон
Квалитетниот и редовен сон има неверојатно позитивно влијание на нашето здравје. Недостатокот на сон ги зголемува шансите за развој на болести. Познато е дека имунолошкиот систем најдобри работи за време на ноќниот сон. Возрасните лица треба да спијат од седум до девет часа дневно. Децата треба да имаат од 9 часа до 11 часа квалитетно спиење.

антибиотици/Принтскрин

Не земајте непотребно таблети и антибиотици
Некои лекови и антибиотици, особено ако се земаат пречесто и неоправдано, можат да го ослабат имунитетот. Антибиотиците не смеат да се земаат на своја рака оти можат и да наштетат, особено кај настинката и кај грипот, вирусни заболувања кај кои антибиотици не делуваат. Една доза антибиотици може трајно да го промени имунолошкиот систем, па затоа треба да се земаат само ако постои оправдана медицинска причина.

Намалете со шеќерот
Рафинираниот шеќер не содржи ниту една хранлива состојка. Освен тоа, нагло навлегува во крвотокот, нагло го зголемува процентот на шеќер во крвта кој потоа нагло паѓа и го руши имунитетот. Ако дневно внесете 200 гр шеќер, колку што има во три лименки газиран сок, на белите крвни зрнца им требаат и до пет часа повеќе за да ги победат бактериите. Неповолното дејство на шеќерот почнува да дејствува по половина час, а трае и по повеќе од пет часа.

Избегнувајте алкохол и кофеин
Алкохолот ја попречува способноста на телото да се брани од инфекции. Зголемената конзумација на алкохол доведува до намалување на имунитетот и ја зголемува осетливоста кон одредени болести. Еден пијалок нема да го наруши имунолошкиот систем, но три пијалоци сигурно ќе го направат тоа. Кофеинот иако има многу добри својства, ја извлекува водата од организамот. Ако не можете без кафе, задолжително со него испијте и чаша вода.