Претстави и концерти од средината на јануари
Театрите во Скопје од средината на месецов ќе ги прикажат првите претстави во 2019 година.
Македонската опера и балет традиционалниот концерт за празникот Василица ќе го изведе на 12-ти и на 13 јануари. Годинава тој е насловен „Диско треска“ и ќе содржи диско хитови од 1970-тите години во целосно нови симфониски аранжмани.
Првата претстава на репертоарот на Македонскиот народен театар е „Не се клади на Енглези“ на 14 јануари, а во наредните два дена публиката во МНТ ќе може да ја види претставата „Животот е прекрасен“.
Во Драмски театар првата претстава е закажана за 15 јануари – „Странци“, по која следно на програмата, според објавениот репертоар, е „Крал Иби“ на 23 јануари.
Театарот за деца и младинци на 10 јануари ќе ја изведе претставата „Оливер Твист“, а наредниот ден – „Пепелашка“.
Првиот симфониски концерт на Македонската филхармонија во 2019 година е на 24 јануари, со солистот Лусјен Ренодин-Вари и диригентот Петер Феранец.