Преку милион луѓе ја потпишале петицијата за запирање на Брегзит


Повеќе од милион луѓе ја потпишале петицијата на страната на британскиот парламент со која ја повикуваат владата да ја повлече активацијата на членот 50 за излегувањето од Европската унија и да остане во тој сојуз, јавува Си-ен-ен.

Петицијата собира илјадници потписи на секои неколку минути, а беше покрената неколку часа откако премиерката Тереза Меј доцна во средата им се обрати на државјаните на телевизија критикувајќи ги застапниците кои не можат да се договорат околу излезната стратегија од ЕУ и порача парламентот да ја донесе конечната одлука.

„Време е за донесување одлука. На ваша страна сум“, изјави Меј.

Би-би-си пренесува дека интернет страницата со петицијата во четврток наутро се срушила поради преголем сообраќај.

Петицијата „Да го повлечеме ченот 50 и да останеме во ЕУ“ до пладнето по македонско време собра 706 илјади гласови и покрај падот на страницата.

„Владата оперативно тврди дека излегувањето од ЕУ е волја на народот. Мораме да го запреме тоа тврдење со докажувањето на сегашната силна поддршка на јавноста за останување“, стои во петицијата.

Парламентот мора да го разгледа одржувањето на расправата за сите петиции кои ќе соберат повеќе од 100 илјади потписи.