Првиот авион во скопска Јурија слетал на 28 мај 1928


На 28 мај 1928 година на Скопскиот аеродром, на просторот на некогашна Јурија, сегашна населба Аеродром, слетал првиот авион на Друштвото за воздушен превоз „Аеропут“, вели Ѓорѓи Чачкиров, кој работи на македонската воздухопловна историја. – Авион од типот „потез 29“ , носел 5 патници и 250 кг. товар.

Инаку, идејата за формирање на Друштвото потекнува од 1926 од тогашниот Кралски аероклуб „Наша крила“, меѓу кои и иницијаторот Тадија Сондермаер, кој бил долгогодишен пилот и член на раководството на овој аероклуб. Од 1923 г. таков аероклуб егзистирал и во Скопје. „Потез 29“ имал регистарска ознака X-SEFG, а полетал од Белград кон Скопје, на студиски кружен лет. Во него, покрај двата пилота и механичарот, имало и новинар и снимател, со цела опрема.

Пилоти на овој прв лет биле Тадија Сондермајер и Владимир Стрижевски. Кружниот лет се реализирал на маршрута Белград – Скопје – Подгорица – Мостар – Сараево – Белград, со цел да се определат дестинации за натамошни редовни линии. Во Скопје авионот со целата екипа се задржал два дена. На 29 мај биле организирани посебни свечености, а авионот  бил крстен „Скопје“. На 30 мај авионот го продолжил летот кон Подгорица. Во текот на 1929 година Друштвото за воздушен сообраќај „Аеропут“ почнало редовно да лета на релација Белград – Скопје. Од Скопје авионот полетувал во 7 часот за да пристигне во Белград околу 9.15 часот. Превозот до аеродром бил организиран од пред хотелот „Маргер“, во центарот на градот, во 06.15. Враќањето од Белград кон Скопје било во 15 часот и пристигнување во Скопје околу 17 часот. Во почетокот летови имало секојдневно, од мај до ноември.  Од 2 август летот бил продолжен и кон Загреб. Во текот на 1930 година стандардната авиолинија Белград – Скопје продолжила и кон Солун, а во неделите и кон Битола. Главната реклама, која тогаш „Аеропут“ ја пласирал во весниците, била: „Во предноста над сите сообраќајни средства, аеропланот ја освои довербата на светот. На кого му е важна удобноста, сигурноста и брзината, патува со авион!“.

Кон средината на триесеттите години авиосообраќајот од и кон Скопје почнал да се реализира од тогашниот аеродром „Петровец“ , сега Општина Петровец. Ова воздухопловно друштво, подоцна, покрај авионите од типот „потез 29“, набавило и авиони од типот „спартан крузер“. Карактеристично е и тоа што ова друштво за воздушен сообраќај било меѓу првите 10 авиокомпании во Европа. Во текот на  1947 г., „Аеропут“ го менува името во „Југословенски авиотранспорт“ (ЈАТ).

Непосредно пред распадот на СФРЈ, во Република Македонија се формира и првата македонска авиокомпанија „Палер Македонија“, со прв промотивен лет на 31 април 1991 година, од Скопје до Охрид и назад.  Утредента, на 1 април, „Палер“ лета за Белград. За време на постоењето „Палер“ отвори 18 редовни дестинации  ширум Европа, и голем број чартер-летови. По „Палер Македонија“, следуваше отворање на десетина други македонски авиокомпании, меѓу кои „Авиоимпекс“, „Мета авиотранспорт“, „Македонија АС“, „Ер сервис“, „Скај вингс“, „Македонски авиотрнаспорт“ (МАТ) .