Прва директна средба Заев-Ципрас во Давос


Прашањата поврзани со преговорите за името ќе се најдат на денешната агенда меѓу македонскиот и грчкиот премиер, Зоран Заев и Алексис Ципрас, на нивната средба во Давос на маргините на Светскиот економски форум.

Тоа ќе биде прва директна средба меѓу премиерите на двете држави, откако се смени власта во Македонија и по неодамнешното обновување на преговорите за решавање на спорот со името. Досега се одржаа две рунди преговори меѓу преговарачите Васко Наумовски и Адемантиос Василакис, со медијаторот Метју Нимиц.

Како што објави грчкиот весник „Вима“, на средбата Ципрас – Заев се очекува да биде разгледан пакетот на Метју Нимиц, претставен на втората рунда одржана во Њујорк, а не е исклучено двајцата премиери денеска да излезат и со заедничко соопштение дека е направен прогрес во решавањето на прашањето за името и оти процесот ќе се води на највисоко политичко ниво.

Портпаролот на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос, изјави дека на средбата Заев-Ципрас во Давос се очекува да се направи напредок во насока на изнаоѓање едно взаемно прифатливо решение.

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас прексиноќа во Брисел изјави дека разговорите во Давос ќе покажат во која насока се движиме и оти е потребно дополнително да се разработат одредени прашања за да се зборува за конкретен временски рок за решение.

– За одредени прашања сме блиску до решение. Мислам дека одредени теми за кои ќе се разговара во Давос ќе покажат каде се движиме, истакна Коѕијас.

Владата на Република Македонија потврди дека работи на анализа и консултации за предлозите на медијаторот Метју Нимиц за решение на прашањето за името.

– Ќе вложиме напори за што е можно поинклузивен процес, со вклученост на сите релевантни политички фактори во земјава кои се во насока на градење заеднички приод, став и стратегија, наведе Владата за МИА.

Процените во Грција, како што јави дописникот на МИА од Атина се дека на средбата, грчкиот премиер ќе настапи со позицијата на Атина за сложено име со географска или временска одредница за севкупна употреба.

Ова го објавува и грчкиот весник „Авги“, што важи за гласник на владејачката СИРИЗА, со коментар дека грчката влада позитивно го оценува ставот на македонскиот премиер кој „за разлика од иредентизмот на неговите претходници“, покажува расположение што би придонело да се најде решение, но Атина очекува оваа позиција паралелно да се покаже и во пракса.

По средбата во Давос, веројатно е дека на почетокот на февруари, разговорите ќе продолжат на политичко ниво, овој пат меѓу двајцата министри за надворешни работи, кои ќе бидат присутни во Давос, велат добро информирани грчки владини извори. Додаваат дека разговорите на ниво на преговарачи го исцрпеле нивниот потенцијал, објави „Катимерини“.

Заев од денеска до 26 јануари ќе учествува на годинашниот Светски економски форум во Давос, на кој оваа година учествуваат шефови на држави и влади, други државни претставници, како и лидерите на најголемите компании во светот.

Премиерот, како што соопшти Владата, ќе има средба и со еврокомесарот за европска соседска политика и проширување, Јоханес Хан. Средбата е планирана за в петок. Истиот ден во агендата на премиерот Заев е и средбата со директорката за Европа на Светскиот економски форум, Мартина Ларкин.

Заев ќе учествува во панел дискусии и работни средби со економски лидери од светот и со други високи гости од регионот, ЕУ и САД.

За време на престојот во Давос ќе има и повеќе други работни состаноци и билатерални средби со потенцијални инвеститори, бизнис лидери и соработници.