По трагедијата во Чаир: Споменот на Ајана ќе живее преку Нухо


Солзи, тага и неутешност, ниту еден збор не допира до семејството Јакупи од скопската населба Чаир. Смртта на малата Ајана, која едвај беше стара 14 месеци, ги урна сите надежи за среќна иднина и подобро утре. Светло на крајот на тунелот е двомесечниот Нухо, кој сѐ уште не е свесен дека на неговите меки плешки сега има одговорна задача: да го носи споменот на повозрасната сестра, да ги направи горди родителите, дедовците и бабите и да им даде потстрек да ги издржат овие моменти на кршливост.

Трагедијата што ја потресе целата држава се случи во вторникот околу 18 часот. Ајана, заедно со бабата излегла да се прошета надвор и да испазарат во блиската продавница. Во еден момент, качувајќи се дома на седмиот кат од зградата, девојчето се оттргнува од рацете на баба си, губи рамнотежа и паѓа од меѓукатот директно на плочникот пред висококатницата. Се стрчуваат блиските и соседите, се повикува Брзата помош. Девојчето се носи во болницата „Аџибадем Систина“, констатирана е скршеница на черепот и крвавење на мозокот. Во 19:10 часот стигнува злокобната вест: за нејзиниот живот е доцна. Дваесетина минути подоцна, дежурните служби се јавуваат во полицијата. Започнува истрага, информирано е и Основното јавно обвинителство.

Ги преземаме сите дејствија, но не се пронајдени елементи на сторени кривични дела, односно станува збор за несреќен случај“, велат од Обвинителството.

Дождот што цела вечер во вторникот лееше во Скопје ги изми трагите од крвта на местото каде што падна несреќното дете. Но таму сѐ мириса на трагедија. Времето како да е запрено, а соседите што поминуваат како да не веруваат во тоа што се случило.

Цела ноќ сум на таблети за смирување, а и сега одам на лекар да ми пропишат нови. Можно ли е ова што се случува“, се прашува повозрасна жена, која се претставува како блиска на семејството Јакупи.

Малата Ајана, заедно со помалото братче, мајка си и бабата и дедото по мајчина линија живееле во стан на седмиот кат од деветкатницата. Го опремиле пред некоја година, сите биле среќни што семејството се проширило.

Тие беа најдобрите луѓе што ги знам“, изустува…

Лифтот не работи со месеци. Всушност, ретко и работи. Пред крајот на минатата година се расипал по јубилеен илјадитти пат. Од станарите било побарано да платат по 2.000 денари за да се поправи. Платиле, ама „среќата“ кратко траела. Се расипал повторно. Овој пат им побарале по 1.500 денари од човек.

Синко, тука живеат сиромашни луѓе. Пензионери, невработени, социјалци… Од каде да им најдеме толку пари? Си рековме: Добро, ќе одиме пеш. Сега нека одат налет и три, и пет, и десет илјади денари, само детето да може да се врати“, коментира повозрасен човек во есента на својот живот.

Соседите сведочат дека немало шанса побргу да се реагира, оти падот на кревкото тело на детето воопшто не предизвикало силен звук. Паника настанала кога се слушнале лелеците на бабата, а потоа и на останатите членови на семејството, кои со трчање ги „скокале“ скалите.

Вообичаено трчаат деца надвор, ама тогаш почна да врне. Беше мирно попладне, ноќта се спушташе. Наеднаш пискотници… Истрчавме да видиме што се случува. Кутрото дете, не мрдаше на подот. Дојдоа нејзините, подоцна разбравме дека починало“, кажуваат соседите.

Во старата зграда на поранешната „Павле Илиќ“ ретко што функционира. Ѕидовите плачат за бојадисување, лифтот не работи, а и меѓукатовите се хаос. Половина од ѕидот е прозорски стакла, три на секој кат, но на вториот, четвртиот и седмиот недостаставува по еден прозорец, зборуваме за триесет-четириесет сантиметри каде што за деца нема никаква пречка.

Од горните катови се спуштаат натажени и смуртени лица. Повозрасен човек, кому во очите му се гледаат тага, солзи и непроспиена ноќ. И покрај страшната болка, успева да ги поздрави соседите, да ги праша како се и дали е сѐ во ред. Тие немаат храброст ниту да го погледнат во очи, а не да му изразат сочувство. Сметаат дека не се достојни на неговата болка. И притоа, тука не се делат на Македонци, Албанци или Турци. Живеат како едно семејство.

Така сакал Господ, тој како ќе каже – така е“, помирливо кажува.

Тој е дедето на Ајана. Во рацете го носи транспортерот за бебиња за помалиот внук.

Што да ви кажам? Мојата ќерка и сопругот, кој е на печалба во Турција, осум години не можеа да имаат деца. Дома ми се и синот и сопругата. Тој има дете-врсник на Ајана, ептен се сложуваа. Сега кога им се посреќи, зарем ова да им се случи?“, коментира.

Ајана пред две недели почнала да оди. Со баба ѝ била нераздвојна. Во вторникот вечерта заедно се симнале долу, на враќање, качувајќи се пеш, ја испуштила раката на баба си, изгубила рамнотежа и паднала долу.

Среќа во несреќа, ако може да се каже така, е што пред два месеци ни се роди и Нухо. Тој нека го носи споменот на неговата сестра и нека ни даде сила да го преживееме ова“, ни рече дедото на Ајана.

Малото момче спиеше додека го симнуваа по скалите. Тој ќе биде ѕвездата водилка на семејството Јакупи. И ќе го свети името на сестра си.

Горан Адамовски