Дополнителен рок за некомплетираните проекти од култура


Премиерот Зоран Заев и министерот за култура Асаф Адеми одржале средба по повод негативните реакции од распределбата на парите за поддршка на проекти од национален интерес во културата. Одлучиле да се даде доболнителен рок за одбиените апликанти да достават дополнителни појаснувања и документација за пријавите кои имале формални недостатоци.

„Дополнително појаснување на доставената пријава може да се побара само за проектите за кои стручната комисија оценила дека се во функција на развој, афирмација и промоција на културата во Република Северна Македонија и кои имаат предуслови да бидат избрани за проекти од национален интерес во културата за 2019 година“, соопштуваат од министерството.
Оттаму дополнуваат дека министерот ги повикува на состаноци сите апликанти кои имаа забелешки и преку тие средби да се дефинираат чекори со кои во иднина би се избегнале недоразбирања или недостатоци при јавните конкурси.
„Адеми ја извршува својата функција почитувајќи го Законот за културата, кој, како што е добро запознаена културната јавност, има сериозни системски недостатоци во поглед на моделите на финансирање на проектите во културата“, додаваат од министерството.
Во поодмината фаза е, велат, постапката за изготвување на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата, по чиј предлог-текст досега имаше две јавни расправи.
„ Укажуваме дека со новиот закон ќе се унапредат начините на поддршка на проектите во културата, за што и Министерството и сите чинители во оваа сфера се согласни дека актуелната норматива не ги задоволува потребите на современото време. Со донесување на новиот закон, чиј предлог-текст е сè уште отворен за сугестии од сите засегнати страни, уверуваме дека ресорот култура во иднина ќе ги добие потребните системски решенија за кои се залага голем дел од јавноста во културата “, стои во соопштението.