Почна сезоната на алергии: Секој трет Македонец е алергичен на полен


По десет нови случаи неделно поради алергиска реакција се регистрираат на Клиниката за пулмологија и алергологија. Дневно на оваа клиника има по стотина пациенти, а 50-60 отсто од нив се со алергиски промени, вели пулмоалерголот д-р Дејан Докиќ, откако заедно со пролетта „се отвори“ и сезоната на алергии.

Сомневањата на лекарите се дека секој трет Македонец е алергичен на полен.

– Статистичките предвидувања се дека страдаат 25 до 30 отсто од луѓето во Македонија, но бројот на дијагностицирани е многу помал – вели Докиќ.

Според статистиката, секој петти Европеец ја дочекува пролетта со лекови против алергија од поленот на дрвјата или на тревата.

Како настануваат пролетните алергии?

Со цветањето на дрвјата, поленот се ослободува и разнесува во воздухот, што предизвикува реакции кај луѓето што страдаат од алергија. Алергија е преосетливост на некои супстанции, додека алергиската реакција е одговор на имуниот систем на организмот кон внесените алергиски супстанции. Организмот на алергичните лица бурно реагира на некои појави од нашето природно опкружување кои инаку не се штетни.

Најголем пролетен алерген е поленот. Кога поленовите зрна, чии честички се мали и невидливи за голото око, преку воздухот ќе влезат во организмот на некој што е алергичен, го активираат имуниот систем. Симптомите се:  кивање, чешање во пределот на носот, грлото и очите, темни кругови околу очите (предизвикани од ограничениот проток на крв околу синусите), насолзени очи, коњуктивитис, ринитис. Некои луѓе што се алергични на полен можат да развијат и астма. Компликациите се тешки опструкции, со големо намалување на белодробната функција, со тешко дишење, свирење во градите, по што пациентите мора да бидат задржани во болница додека не се стабилизираат.

Алерготестови за дијагноза

Како се дијагностицираат пролетните алергии? Вообичаено, се користат посебни алерготестови. Точна дијагноза единствено врз основа на симптомите е тешко да се постави, бидејќи овие симптоми се јавуваат и кај други состојби, како што е обичната настинка. Но има симптоми кои можат да се забележат и без лекарска помош. Кај настинката симптомите најчесто се проследени со покачена температура и зелен секрет од носот. Кај алергиите не се појавува покачена температура и секретот најчесто е проѕирен. Освен тоа, симптомите се појавуваат наеднаш, и обично вклучуваат зацрвенети очи (алергиски коњуктивитис) и напади на кивање. Во врнежливи денови реакциите се помалку изразени бидејќи водените капки од дождот го чистат воздухот од поленовите зрна.

За сигурна дијагноза се користат алерготестовите, како на пример, тестот со prick методот – со мала игличка се внесува мала количина на алергенот со слаба концентрација, со убод во површината на кожата, а постојат и тестови со кои алергените се внесуваат со помош на инјекција во подлабоките слоеви на кожата. Како резултат на овој тест се појавува оток и црвенило на кожата на местото на убодот, а во зависност од јачината и брзината на реакцијата лекарот може да утврди од која супстанција е предизвикана. Исто така, осетливоста на некои алергени може да се утврди и преку тестови на крвта.

Како се лекува?

Алергијата во суштина е неправилно функционирање на имунолошкиот систем. Класичната медицина не ги лекува алергиите. Сите лекови дејствуваат на тој начин што ги ублажуваат симптомите на алергија. Таквите лекови ја блокираат реакцијата на имунолошкиот систем.

Постојат три основни постапки во третирање на алергијата:

Избегнување алергени – од поленот не можеме да бегаме, но следењето одредени корисни совети може многу да помогне:

– Направете тест на што сте алергични и побарајте совет од доктор кои лекови ќе ви ги олеснат симптомите;

– Престојувајте подолго во затворен простор во текот на сезоната кога цветаат растенија на чии полени сте алергични, а дождливите денови одберете ги за прошетка;

– Секогаш носете очила за сонце за да ги заштитите очите од поленот;

– Држете ги прозорците во домот затворени, а посебно во автомобилот, кога концентрацијата на поленот од тој вид е висока.

Лекови – откако ќе се постави точна дијагноза и немаме сомнение дека се работи за алергија на полен, се започнува со третирање на симптомите на алергија со лекови, и тоа: aнтихистаминици, кои го намалуваат кивањето, течењето на носот, чешањето, потоа капки за нос и за очи, кортикостероиди (таблети, инјекции, инхалатори) и имунотерапија. За промена на алергискиот статус на организмот, може да се примени специфична имунотерапија или алергиска вакцинација.

Рамка:

Н: Природна алтернатива против алергии

Покрај конвенционалните медицински лекови, постојат и други природни средства со кои може да се ублажи или целосно да се отстрани пролетната алергија. Препораките се да се зајакне имунитетот, да се исчисти организмот, да се јаде храна богата со витамин Ц. Секој ден по една лажичка мед, недели пред да почнат да цветаат растенијата, може значително да ја намали алергијата.

Слабиот имунитет е еден од главните фактори за појава на алергии. Постојат многу природни зајакнувачи на имунитетот, како што се маслото од црно семе, маслото од семки од грејпфрут, прополис, ехинацеа итн. Долгорочната употреба на масло од црно семе може значително да ги намали алергиските симптоми, па дури и целосно да ги отстрани. Континуираната употреба на маслото од семки од грејпфрут во мошне мала количина, го зајакнува имунитетот и го одржува на највисоко ниво, со што му овозможува на организмот да може лесно да се справи со алергиите.