Последното искачување на Калина и на Александар


Злокобна вест вчераутро ја разбуди Македонија. Двајца млади алпинисти од Скопје загинаа во несреќа на планината Ниџе на границата со Грција. Викенд-турата кон врвот Кајмакчалан висок 2.511 метри надморска височина заврши кобно за Калина Велевска (26) и Александар Миновски (32), по чии тела се трагаше десетици часа. Тие беа дел од педесетчлената група аплинисти на друштвото „Трансверзалец“. Се претпоставува дека снегот и густата магла се причина за нивниот пад во бездна. Пред само десетина дена, на Шар Планина загина уште еден планинар од Скопје, а француски алпинисти во последен момент беа спасени од измрзнување.

Според информациите, групата од Скопје во саботата рано наутро пристигнала во скијачкиот центар Ворос во Грција, од каде што вообичаено започнува турата кон Кајмакчалан. Педесетината алпинисти го започнале искачувањето, но поради лошите временски услови, компактноста исчезнала набргу. Четириесет и осум планинари, сепак, успеале да се симнат долу, но од Калина и од Александар немало ни траг ни глас. Завладеал страв и паника. Известени биле Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, како и грчките погранични служби. Ноќта се спуштила, временските услови уште повеќе се влошиле, било невозможно да се организира квалитетна потрага. Телефоните на двајцата планинари биле лоцирани на 100 метри во територијата на Република Македонија.

Тим од седум обучени лица за спасување на планина од Битола тргнале да ги бараат исчезнатите, како и три возила и 13 спасувачи од Грција, имајќи предвид дека немилиот настан се случил во планината од страната на нашиот јужен сосед.

„Според нашите информации групата планинари и туристи од Скопје на планината се искачувале во текот на саботата, но две лица не се вратиле во собирното место. Настанот го пријавиле останатите членови на групата, а во недела наутро тим од Битола со специјално обучени лица за спасување на планина замина на Кајмакчалан каде заедно со колегите од Грција трагаа по исчезнатите лица. Побаравме и помош од воздух и очекуваме да биде вклучен хеликоптер на МВР, но заради влошените временски услови и густата магла, хеликоптерот не можеше да ја надлетува планината“, изјави Димче Јошевски, претставник на битолскиот оддел од Дирекцијата за заштита и спасување.

Неизвесноста растеше од час во час. Иако имињата на планинарите не беа објавени, набргу се разбра дека станува збор за Калина Велевска и Александар Миновски. Од македонското Министерство за внатрешни работи инсистираа да не се брза со констатацијата дека планинарите се починати сѐ додека не бидат пронајдени нивните тела. Некаде околу пладне, грчките медиуми ја објавија злокобната вест: пронајдени се телата, докторите од болницата во Воден единствено можеле да констатираат смрт. Планинарите од „Трансверзалец“ вчеравечер требаше да се вратат од Грција, потврдија од друштвото.

Алпинистите во земјава се шок. Признаваат дека секој од нив е свесен за ризиците со кои се соочуваат при секое искачување на планинските врвови, но човек никогаш не е подготвен да прифати таква вест.

„Калина беше прекрасна личност, постојано насмеана и расположена. Неодамна положи и доби сертификат за водич. Ова требаше да ѝ биде второ искачување на Кајмакчалан. Работеше во Основното јавно обвинителство, активна беше во хуманитарни акции, секогаш беше тука за помош. Александар беше малку поискусен, ама кога си на планина не можеш да речеш дека си искусен, секоја мала грешка може да те одведе во смрт. Беше вработен во АМСМ, беше вистински вљубеник во природата“, раскажуваат планинарите.

Доживувања на планините, Велевска ги запишуваше во својот „Дневник на една планинарка“. Пред две години, заедно со другарите спасија 17-годишно момче, кое падна во бездна, чекорејќи кон Титов Врв на Шар Планина. Тие со своите тела го грееја момчето додека дојдат спасувачите.

„Планината нѐ прави среќни, ни ги трга секојдневните грижи, прави да се чувствуваме убаво, ни буди најубави емоции. Сепак, не смееме да заборавиме на нејзината моќ, на нејзината големина и никако не смееме да ѝ водиме инает“, напиша тогаш Велевска.

Нејзините колеги се чудат зошто воопшто била организирана планинарската тура, кога најавено било оти временските услови ќе бидат лоши, а тврдат и дека не била испочитувана регулативата за еден водич на седум планинари.

„Преку социјалните мрежи се препорачуваше внимателно движење на сите што ќе престојуваат на планина. Конкретно за Кајмакчалан, имаше предупредување дека поради длабочината на снегот и густата магла на висина од над 1.400 метри надморска височина, да се остане на сигурно. Самата патека кон врвот не е воопшто тешка, ама само кога условите се идеални, но кога има невреме е многу опасна.“, тврдат планинарите.

Кон крајот на јануари, симнувајќи се од Титов Врв на Шар Планина, загина Перо Атанасов (58). Во саботата, пак, полицијата и Горскоспасителската служба успеаја на Попова Шапка да пронајдат и да спасат двајца француски државјани, кои залутале во планината.

Горан Адамовски