Поранешниот претседател на Интерпол исклучен од кинеската Комунистичка партија


Поранешниот претседател на Интерпол Менг Хонгвеј денеска е исклучен од Комунистичката партија и сите партиски функции, во момент кога чека судење по обвиненија за корупција.

Менг беше избран за претседател на Интерпол во 2016 година, но неговиот четиригодишен мандат беше прекинат, кога лани во октомври беше притворен во Кина без образложение на кинеските власти. Во тоа време Менг беше и еден од највисоките кинески функционери задолжени за јавна безбедност.

Дисциплинската комисија на КП Кина денеска соопшти дека Менг е прогласен за виновен за сериозни прекршувања поради тоа што не се придржувал на партиските принципи и не ги спроведувал одлуките на партијата.

Во соопштението се наведува дека Менг ги злоупотребил своите овластувања за на своето семејство да му овозможи „екстравагантен начин на живот“, препуштајќи и на сопругата да ја користи неговата положба заради лична корист.