„Политика“: Укринското прашање се надвива и над СПЦ за Македонија


Српските цркви во Македонија и во Црна Гора потенцираат дека давањето автокефалност на овие две земји без согласност на Српската православна црква (СПЦ) би бил опасен преседан, но истовремено тие веруваат дека до тоа нема да дојде, пишува денешна белградска „Политика“, пренесувајќи го ставот на Јован Вранишковски од ПОА на СПЦ.

Весникот во анализата на „Украинското прашање“ кое произлегло „по одлуката на Васеленската патријашија да направи уште еден чекор кон давањето автокефалност на непризнатата Украинска православна црква со праќањето на двајца свои епископи“ го наведува ставот на Руската православна црква (РПЦ) за ова прашање.

– Вистинска закана се надвила над единството на целиот православен свет, а односите на двете највлијателни патријаршии – Васеленската и Московската дојдоа во ќорсокак… Дојде до значајна повреда на црковните канони, кои забрануваат епископите на една православна помесна црква да се мешаат во внатрешниот поредок и живот на друга православна помесна црква, се наведува во соопштението на Светиот синод на РПЦ.

Несомнено е дека „украинското прашање” се однесува на целиот православен свет, но со посебно внимание се следи и во Српската православна црква, пишува „Политика“, додавајќи дека ова го потврдува и неодамнешното писмо на српскиот патријарх Иринеј до цариградскиот патријарх Вартоломеј, во кое тој ја споредува состојбата во Украина, со она што се случува во Македонија и во Црна Гора, на чии територии, како што наведува „Политика“, е „присутна канонската СПЦ“.

Во тој контекст, Јован Вранишковски за „Политика“ истакнува дека „давањето автокефалност на овие две земји без согласност на СПЦ би бил опасен преседан.“

– Во случајот со Македонија, Васеленската патријаршија на СПЦ и има отстапено јурисдикција над територии каде сега се наоѓа Охридската архиепископија на СПЦ со томосот издаден во 1922 година. Не може некој сега тоа да го одзема, бидејќи тоа ќе создаде многу големи проблеми, а воедно би било и непринципиелно, изјави Вранишковски.

Тој потенцира дека постои канон, според кој доколку една состојба во црквата потрае повеќе од 30 години, тогаш тоа не се менува, освен доколку двете цркви-онаа која сака состојбата да ја менува и онаа која ја има јурисдикцијата, за тоа не се согласат.

– Ова е одговор на украинското и на македонското прашање. Во Украина, ова прашање трае повеќе од три века, во Македонија трае повеќе  децении и за толку време тие се јурисдикциска област на Руската и на Српската православна црква. Мислам дека она што се случува во Украина е само обид и се надевам дека нема да и се даде афтокефалност на црквата, бидејќи тоа сериозно ќе ги наруши односите  во  православието, изјави Вранишковски.

„Политика“ го наведува и ставот на протоерејот-ставрофор Велибор Џомиќ од СПЦ кој изјави дека „некогашната ерархија во Македонија и во Украина до еден момент беше канонска додека не падна во раскол. Во Црна Гора таква ерархија никогаш не постоеше. Тоа, вели тој, се самопрогласени свештеници и за православната црква непостоечки.

Џомиќ ги поврзува црковните прашања во Украина, Македонија и Црна Гора со ставот дека „земските идеолошки групи поради нивните идеолошко-партиски интереси и поради племенските интереси сакаат да создадат црковно уредување во согласност со своите политички, идеолошки потреби и за потребите на националниот инженеринг”.

„Политика“ на крајот од текстот го пренесува ставот на српскиот патријарх Иринеј за време на неговата посета на Москва во мај: „Да, не даде Бог да постои и намера на патријархот Вартоломеј за некое еднострано и самоволно пресудување за случајот на скопскиот и украинскиот раскол, тоа би бил израз на голема заблуда, голема духовна грешка и во поглед на устројството на православната црква-потполно ништавно“.