Поддршката за Путин станува „севернокорејска“


Еден ден по изборите во Русија никој не ни чека пребројување на гласовите бидејќи нема ни сомнеж дека и овој пат, по четврти пат, Владимир Путин ќе биде избран за претседател. Тоа значи дека и во следните шест години тој ќе ја решава судбината на земјата, а прогнозите беа дека за тоа ќе добие поддршка од над 70 отсто од гласачите. Тоа би бил личен рекорд за поранешниот офицер на КГБ, кој првпат беше избран за претседател во 2000 година.

Рејтингот на Путин во моментов се наоѓа на врвот, смета социологот Лев Гудаков, шеф на центарот „Левада“. „Високото одобрување на неговата политика, зависно од патриотско-воените бранови, се базира на непостоењето алтернатива и постоењето илузија“, рече Гудаков во декември. Една од тие илузии е верувањето на голем број Руси дека Путин ќе ја обезбеди досегашната благосостојба.

Вкупно осум кандидати учествуваа на изборите. Меѓу нив беа десничарскиот популист Владимир Жириновски и либералниот опозиционер Григориј Јавлински, но и неколку нови лица. Нова беше единствено 36-годишната телевизиска водителка Ксенија Собчак, ќерка на поранешниот градоначалник на Санкт Петербург, Антолиј Собчак, нкому Путин му беше заменик во деведесеттите. Самопрогласената „кандидатка против сите“ се обидуваше да ги освои гласовите на незадоволните либерални гласачи и со тоа му помагаше на Кремљ, свесно или несвесно, да ја зголеми излезеноста на изборите. Во истражувањето на јавното мислење сите кандидати, освен Путин, имаа популарност под десет отсто и не претставуваа вистинска конкуренција. Некои беа осомничени дека настапуваа само како статисти, во договор во Кремљ и учествуваа во дебати на кои никогаш не учествуваше Путин.

Опозицискиот политичар Алексеј Навални, кој е карактеризиран како најважниот опонент на Путин, воопшто не учествуваше на изборите – бидејќи е првостепено осуден во еден процес. Навални беше водач на протестите пред претходните избори кои го засенија враќањето на Путин во Кремљ. Незадоволството на урбаната средна класа од Путин изведе десетици илјади луѓе на улиците на Москва и другите градови. Тогаш имиџот на Путин првпат беше оштетен. По таа победа, Путин реагираше со ограничување на слободата за собири и говори и со основањето на „Росгвардија“, негова лична подредена полициска единица.

По критиките, Путин излезе со смена на шефот на изборната комисија, кој е обвинет за манипулација на изборите. Задачата на неговиот наследник беше да ја поттикне излезеноста на изборите, а тоа го правеше и Кремљ преку шеговити пропагандни видеа на социјалните мрежи.
Третиот мандат на Путин ја промени Русија многу повеќе од изминатите мандати. Анексијата на Крим се смета за пресврт кој ја доведе популарноста на Путин до врвот, која дотогаш беше во стагнација, но, исто така, ја донесе и земјата во конфронтација со Западот. Политичарите и медиумите оттогаш поттикнуваат атмосфера како на опколена тврдина, а воената реторика стана секојдневие.

Досега, санкциите помалку ѝ наштетија на Москва отколку падот на цената на нафтата и гасот на светскиот пазар во 2014 година. По драматичниот пад минатата година, руската економија повторно бележи благ раст и се чини дека инфлацијата е стопирана. Меѓутоа, во 2017 година за 1,7 отсто е намалена реалната куповна моќ на населението, четврта година по ред. Наспроти тоа, трошоците за оружје се одржуваат на високо ниво.

Воените вмешувања во сириската војна на страната на претседателот Башар ал Асад, водството во Москва ги искористи за да ја оконча изолацијата на меѓународната сцена и да ја етаблира Русија како голем играч на Блискиот Исток. Во говорот за состојбата на нацијата овој март, Путин себеси се престави како успешен владетел кој својот народ го води од победа во победа. Најголемо изненадување предизвика неговото претставување на атомското оружје. Пораката на Путин беше: „Не влегувајте во судир со нас“. Колку повеќе се ближеше денот на изборите, толку повеќе претседателот мавташе со атомското оружје. Во документарниот филм насловен „Светски поредок 2018“, Путин јасно рече дека ќе употреби атомско оружје во случај на напад врз неговата земја, па дури и ако тоа значи крај на светот. „Што би правеле со свет во кој не постои Русија?“ (Дојче Веле)