Повторно ќе се полага лекторскиот испит


По четири години застој, се одблокира постапката за полагање лекторски испит. Таа беше оневозможена по измените на законот во 2013 година со кои полагањето стана компјутерски и неспроведливо, така што оттогаш и не е дадена лиценца за лектор.

Процесот е одблокиран со новите измените на Законот за употреба на македонскиот јазик кои Собранието на РМ ги усвои на крајот на 2017-та, и се враќа стариот начин на полагање на овој испит – пред комисија наместо електронски.

Министерството за култура ја именуваше Комисијата за полагање на лекторски испит, во состав проф. д-р Искра Пановска-Димкова (претседател) и проф. д-р Олгица Додевска-Михајловска и проф. д-р Симон Саздов (членови). Советот за македонски јазик веќе доставил предлог-правилник за начинот на полагање на испитот, кој се очекува да биде усвоен во текот на оваа недела. Министерството за култура назначило лице кое ќе ја обезбедува техничко-административната поддршка за комисијата.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски на прес-конференција рече дека лекторскиот испит не се спроведуваше од 2013 година кога Владата донела заклучок со кој го задолжила Министерството за култура, по примерот на полагањето правосуден испит, да изготви измени во овој Закон и лиценците за лекторите да се добиваат по пат на компјутерски испит, со софтвер обезбеден од Владата.

– Софтверот беше изработен, но по изработката се утврдило дека е неприменлив и несоодветен, односно дека проверката на познавањето на граматиката, синтаксата, лингвостилистиката, зборообразувањето не може да се врши преку компјутерски тест, по пат на заокружување на веќе понудени одговори, во однапред уредена компјутерска програма, колку и да е таа совршена, рече Алаѓозовски.

Иако неспроведливо, за изработка на софтверот биле исплатени 327.918 денари, а за негово одржување за 17 месеци вкупно 71.502 денари, односно 4.206 денари месечно, како и 40.781 денари за обука на двете комисии – за составување база на прашања и за верификување на прашањата.

Претседателката на Комисијата за полагање лекторски испит д-р Искра Пановска-Димкова, која беше член на лекторската комисија пред законот од 2013 година, истакна дека електонското полагање воведено со цел да се исклучи човечкиот фактор е невозможно во практика. Очекува дека полагањето лекторски испит на стариот начин ќе почне од следниот месец, а новитет рече ќе биде влезен тест пред писмениот и усниот испит.

– На влезниот тест кандидатите ќе покажат најосновни знаења. Дали, едноставно, заслужуваат да влезат да го полагаат лекторскиот испит. Тука би биле, евентуално, прашањата од теорија. Потоа ќе биде тестот со текстови каде што тие ќе лекторираат и доколку успеат да го положат влезниот тест и писмениот, мора да дојдат на устен испит кај лекторската комисија. Зашто токму тогаш се доуточнуваат финесите и деталите, она што компјутерот не може да го направи – се образложуваат решенијата што идниот лектор ќе ги применува, рече Пановска-Димкова.

Претседателот на Советот за македонски јазик проф. д-р Људмил Спасов рече дека во процес на завршување се некои од 12-те најитни мерки, а меѓу проектите е и подобрување на Законот за употреба на македонскиот јазик, унапредување на неговиот статус. Соопшти дека покрај Правописот, ќе настојуваат на интернет да биде поставено и речничкото богатство на македонскиот јазик.