Партиските сѐ уште ги победуваат стручните


Во затворите постои тортура, судската власт не е независна, приватноста не е заштитена, новинарите се глинени гулаби, корупција има насекаде, а хомосексуалците и припадниците на ЛГБТ-заедницата се на мета на насилниците. Новата влада продолжи со праксата установена од претходниците да им дава бенефиции на своите членови, на раководни места се поставуваат осудени лица, а на непартиски организации се назначуваат партиски функционери. Затворите се пренатрупани, во нив не се знае кој кого тепа. Судовите работат селективно, а во голем број случаи во недостиг од цврсти докази се пресудува условна или минимална казна само за да се оправда притворот. Ова се клучните забелешки во најновиот извештај на американскиот Стејт департмент за човековите права во Македонија.

За парламентарните избори во декември 2016 година се наведува дека биле транспарентни и добро администрирани, но без исполнување на некои важни обврски и препораки на ОБСЕ.

На 31 ма парламентот избра нова влада предводена од претходната опозициска партија, СДСМ, со што се стави крај на неколкумесечниот процес на формирање на Владата. На 27 април, откако мнозинството членови на парламентот го избраа Талат Џафери како претседател, околу 200 демонстрантите го нападнаа парламентот, што резултираше со повреди на седум лица. Медиумите објавија дека припадниците на Министерството за внатрешни работи им помагале на демонстрантите и не ја извршувале својата должност да ги штитат членовите на парламентот. Како резултат на истрагата, 180 полицајци беа испрашувани, осум беа отпуштени, 43 беа суспендирани, а 70 дисциплински постапки останаа во тек“, пишува во извештајот. Се потенцира дека специјалното јавно обвинителство во периодот од 15 април до 15 септември минатата година поднесе 18 обвиненија против 120 обвинети, утврди 168 кривични дела и отвори седум истраги против 25 осомничени, а започна и 142 прелиминарни истраги.

Во првите шест месеци до МВР стигнале 11 поплаки за прекумерна употреба на сила, од кои две се прифатени. За затворите се наведува дека имало ситуации кога новите затвореници, особено за сексуални престапи, по влегувањето биле тепани од другите затвореници, а никој не им помагал. Чуварите редовно се изживувале врз поголем дел од затворениците. Во септември биле регистрирани 2.767 затвореници, иако капацитетот е едвај две илјади.

Уставот предвидува ‘автономни и независни’ судови, подржани од независен Судски совет. Сепак, судството не покажало независност и непристрасност, а судиите биле предмет на политичко влијание и корупција. Резултатите од многу судски постапки се појавија предодредено, особено во случаите кога обвинетите имале ставови или презеле дејства против Владата. Несоодветното финансирање на судството продолжи да ги попречува судските операции и ефективноста. Голем број судски службеници ја обвинија Владата дека ја користи својата буџетска власт за вршење контрола над судството“, забележуваат од Стејт департментот.

Според годишниот извештај на Народниот правобранител за 2016 година, вториот најголем број граѓански претставки (577, или 15 проценти) се однесувале на судскиот систем. Во извештајот на омбудсманот се наведува дека граѓаните се жалеле на долги судења, пристрасност, селективна правда и непотребно вршење притисок врз судиите. Се споменува дека првичните наоди за ревизијата за информативниот систем за автоматизиран судски процес – АКМИС покажале дека системот бил манипулиран.

На 20 февруари претседателот на Кривичниот суд во Скопје, Татјана Михајлова, префрли 20 (од вкупно 67) судии, кои раководат на кривични предмети на високо ниво, на прекршочни и малолетнички одделенија на судот. Повеќе членови на судството тврдат дека трансферите се одмеруваат за пресуди поврзани со специјалното обвинителство“, се нотира во извештајот.

Професорката Мирјана Најчевска вели дека вакви извештаи добиваме многу долго време и во суштина нема битно отстапување во деловите што се посочуваат како недоволно обработени, односно во областите во кои има очигледни прекршувања на човековите оправа.

Тие вообичаено се поврзани со недостиг од ефикасни правни лекови и на ефикасен заштитен механизам. Тоа е најголемата болка, која тешко ќе ја средиме. Ова го велам од причина што не е потребна само декларативна политичка волја, туку се потребни многу длабоки, радикални резови, суштински промени, кои во помал дел ќе се однесуваат на нормативата, а во поголем во примена на таа норматива во праксата. За жал, сѐ уште живееме во општество каде што партиската припадност е најважен елемент како во кариерното напредување, така и во процесите на одлучување. Сѐ додека професионалноста и квалитетот не успеат да се вивнат најгоре, не можеме да обезбедиме ниту независност, ниту контрола, ниту напредок“, заклучува Најчевска.

Во извештајот се потсетува дека поранешната влада користела разни механизми за да влијае врз медиумите, станувајќи најголем огласувач во нив. Новинарите биле принудени да работат во корист на власта и впечаток е дека не успеале да ја исполнат основната мисија: да ги информираат граѓаните и да бидат коректор на политиките на Владата.

Горан Адамовски