ОЈО обезбедило нова снимка од нападот врз пратеникот Села во Собранието на 27 април
Една нова дополнително предложена снимка од Основното јавно бвинителство и две веќе емитувани снимки во Кривичниот суд денеска повторно се гледаа на барање на одбраната на рочиштето за нападот врз пратеникот Зијадин Села во Собранието на Република Македонија на 27 април.
За случувањата на 27 април обвинети се Кире и Цане Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.
На почетокот на рочиштето Судот, на предлог на одбраната го дозволи повторното емитување на две снимки од доказите предложени и веќе еднаш гледани пред Судот, со цел утврдување на дел од случувањата во Собранието на 27 април.
На првата снимка се гледа движењето на обвинетите и сведоците во ходникот пред собранискиот прес центар. На втората снимка, пак, се гледаат скалите од пред влезот во Собранието што водат кон просторот пред прес центарот и се нотира движењето на обвинетите.
На предлог од Обвинителството денеска се емитуваше и нова снимка, дополнително од предложената листа со докази. Обвинителството посочи дека снимката има и звук. На видеото се гледа настанот во прес-центарот во аголот каде се пратениците и на него тие веќе имаат видливи повреди. Се гледа нападот на лицата кои се влезени во Собранието и како тие ги напаѓаат пратениците и гаѓаат со предмети кон нив. Се нотира присуството на обвинетиот Александар Јаневски Тошта, Сашко Сенков, Никола Ошавковски, Цејо и Кире Георгиевски, лицето во црно со фантомка на глава, Николче Димитриевски. Се гледа оштетениот Села во аголот од прес центарот и се слуша како некој вика „Дај го ваму“, „Држи го“, „Дај го ваму! копиле!“ Потоа се гледа како некој го извлекува Села од групата пратеници кон средината на прес центарот. Се забележува поголема група луѓе како го удираат Села, прво во исправена состојба и потоа додека е на земја. Иако на подот е легнат Села и веќе не реагира, ударите продолжуваат.
Во моментов во судот е дадена пауза.