„Охридско лето“: Концерт во спомен на покојниот градоначалник Стојаноски


Фестивалот „Охридско лето“ на 12 јануари ќе организира концерт на класична музика на кој ќе настапат младите српски солисти Александра Петровиќ и Стеван Каранац заедно со Српскиот камерен оркестар. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во 19 часот, а како што велат од оваа национална установа, ќе биде посветен на прерано починатиот градоначалник на Општина Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски.

Исклучително талентираната уметница Александра Петровиќ своето основно и средно музичко образование ги завршила во Ниш, во класата на професорот Гордана Милошевиќ, на катедрата соло пеење. Настапувала во Ниш, на НИМУС, на концертите на Виенските валцери и оперски арии со Видинската филхармонија, со Младинската филхармонија „Наисус“, како и со дувачкиот квинтет „Нишки солисти“. Во моментов е на специјалистички студии  на Факултетот за музички уметности во Белград, во класата на професорот Никола Мијаиловиќ. Од 2018 година, Петровиќ е хонорарен соработник на Операта и Народниот театар во Белград.

Тенорот Стеван Каранац, музичкото образование  го започнува во 2009 године во  музичкото училиште  „д-р Милоје Милојевиќ“ во Крагуевац. Стилот и техниката на пеење и глума ги усовршува на многу работилници и мајсторски курсеви со плејада успешни пејачи, режисери и актери. Го завршил и курсот за оперски студии  „Борислав Поповиќ“  во Народниот театар во Белград. Како активен учесник на интернационални натпревари во Србија, регионот и странство, добитник е на бројни награди, меѓу кои и наградата „Лауреат“. Од 2013 година одржува бројни концерти во Србија и надвор од земјата.

Српскиот камерен оркестар е основан во 1994 година од страна на уметничкиот директор и диригент Ѓорѓе Павловиќ. Оркестарот работи во неколку постави: како гудачки, камерен во мешан состав, мал симфонискии,  помали камерни состави како дуа, триа, квартети и слично.Специјализиран е за изведување дела од современи српски композитори со традиционални елементи. Освен тоа, на репертоарот на  оркестарот се застапени  дела од светски композитори од сите епохи, од барокот до денес.