Османи: Продолжуваме со реформската агенда се до полноправно членство во ЕУ
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска се сретна со делегација на Република Чешка предводена од потпретседателот на чешкиот Сенат, Јири Шестак, на која накусо се осврнал изминатите девет месеци во кои Македонија успеа да испорача исклучително продуктивна реформска агенда, и притоа истакнал дека очекува тоа да биде валоризирано.
Средбата, како што се истакнува во соопштението од Секретаријатот за европски прашања, се одржува во многу битен момент за нашите евроатлантски аспирации односно истовремено со објавувањето на Извештајот на ЕК за состојбите и напредокот на Македонија на патот кон ЕУ.
Османи изразил задоволство од досегашната поддршка за европската интеграција на земјава од страна на Чешка, како во рамките на Европската Унија, така и во рамките на земјите од Вишеградската група.
– За време на средбата вицепремиерот Османи накусо се осврна на изминативе девет месеци во кои Македонија успеа да испорача исклучително продуктивна реформска агенда, чија валоризација се случува токму денеска, со излегувањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот и состојбите во земјава, во кој се очекува чиста и безусловна препорака за Република Македонија. Денеска истекува и рокот за реализацијата на Планот 3-6-9 кој ја исполни својата суштина и со имплементација од над 90 проценти од предвидените реформи ја врати Македонија на евроатланскиот пат, истакнал Османи.
Додал дека успешното спроведување и реализацијата на Планот 3-6-9 очекува денеска да биде крунисано со, како што рекол, веројатно најдобриот извештај на Европската комисија за состојбата и напредокот на земјата на евроинтегративниот пат.
Османи посочил и дека земјата останува на реофрмскиот пат и по завршувањето на Планот 3-6-9, и тоа во насока на имплементација на процесите кои произлегуваат од Шесте водечки иницијативи на Стратегијата 20-25 на Комисијата, како и од сугестиите, коментарите, забелешките што се очекуваат во денешниот Извештај на ЕК.