Општина Куманово не сака споменик за загинатите полицајци


„Советот на општина Куманово вчера донесе срамна и скандалозна одлука, одбивајќи поставување на спомен обележје на: Жарко Кузмановски, Ненад Серафимовски, Сашо Самојловски, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Исмед Османи, Љубиша Аранѓеловиќ и Горан Стојменовиќ, македонски бранители кои ги дадоа својот живот за нашата татковина“, реагираат денеска од ВМРО-ДПМНЕ. Во најголемата опозициска партија сметаат дека оваа одлука на СДСМ и мнозинството во Советот е уште една во низата со која ги понижуваат бранителите.

„Ваквиот однос на СДСМ продолжи со паролите ‘Куманово пак да ви се деси’ , со кои што ја навредуваа полицијата за време на вандалските протести. Понижувањето кулминираше со посетата на Заев на Косово и средбата со Рамуш Харадинај на денот на годишнината, кога наместо на помен на жртвите отиде кај човекот кој има даваше парични награди на семејствата на терористите.  ВМРО-ДПМНЕ му порачува на Зоран Заев и на СДСМ да не помислуваат да ги ослободат терористите од Диво Насеље, секој обид да ги ослободат терористите ќе ги направи Заев и СДСМ соучесници во убиството на македонските херои. Луѓето кои го дадоа својот живот за татковината, ја заслужуваат нашата почит, а не да се гази врз нивната жртва, дадена за нашата иднина“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во настаните од 9 и 10 мај 2015 година, осум полицајци загинаа, а триесетина беа ранети во судир со терористичко-криминална групација, воглавно од државјани на Косово.