Омбудсман: Обврска на училиштата е да превенираат насилство меѓу децата


Народниот правобранител го осудува отсуството на навремена и соодветна реакција за превенирање на насилство меѓу учениците, и ги потсетува одговорните во училиштата, како и заедницата дека училиштето е воспитно образовна установа, која има обврска и должност да обезбеди грижа и заштита на децата, и да преземе превентивни мерки за спречување на насилството меѓу децата, но и врз децата.

Очекува надлежните органи целосно и до крај да преземат мерки за расчистување на случаите со насилство во училиштата, а особено да се утврди ефикасноста на мерките за спречување на насилство помеѓу и врз децата во училиштата. Најавува дека оваа година ќе спроведе посебно истражување за тоа.

– Имајќи ги предвид случаите на насилство меѓу ученици во неготинско училиште, насилство врз ученик од вработен во училиште во Битола, Народниот правобранител бара од одговорните во училиштата, локалните самоуправи и просветниот инспекторат да преземат мерки со цел да се обезбедат училишта без насилство, во кои ќе владее позитивна клима, взаемно почитување и другарување меѓу учениците, велат од Канцеларијата на Народниот правобранител.

Потенцираат дека за Народниот правобранител инцидентот со насилството во гостиварската гимназија е пред сѐ срамен акт, но и лош пример за учениците кои се образуваат во ова училиште, поради што го повикува Министерството за образование и наука да реагира со цел обезбедување на училишта во кои сите ќе се чувствуваат безбедно и сигурно.

Според Народниот правобранител, неопходно е да се јакнат капацитетите на наставниците да превенираат и спречуваат насилно однесување кај децата, да развиваат, но и да се залагаат за комуникација меѓу децата, толернација, градење на самодоверба, и во училиштата да се воспостават механизми за соодветна и навремена интервенција при насилство.

– Народниот правобранител укажува дека родителите мора да покажат поголем интерес за своите деца, за нивниот однос и активно да придонесат за безбедни училишта без насилство, велат од Канцеларијата на Народниот правобранител.

Во врска со отсуството на реакција кај соучениците во случајот со насилството помеѓу ученички во основно училиште во Неготино, каде според снимките објавени во јавноста, учениците користејќи ги мобилните телефони го снимаат насилството и не преземаат ништо да го спречат насилството, Народниот правобранител прашува што се случува со воспитувањето на децата и дали семејството и училиштето ја занемариле оваа значајна функција, која заедно со образованието има важна улога во правилниот развој на секое дете. Покрај тоа, прашува дали располагаат училиштата со ефикасни методи и обучен кадар кој знае и кој умее да превенира од насилство, односно да едуцира генерации кои ќе знаат да почитуваат и преку дијалог да ги решаваат евентуалните проблеми.

– Со овие настани во училиштата уште еднаш се потврдуваат континуираните укажувања и препораките на Народниот правобранител за потребата од стручни служби во училиштата кои сериозно и посветено ќе работат на превенција на насилствата меѓу учениците, и ќе ја зајакнат воспитната улога на наставниот кадар во образовниот процес, како и потребата од позачестени контроли и надзор над работата на образовните установи во кои децата остваруваат право на образование заради превенирање од насилство врз децата и помеѓу децата, односно нетолерирање на насилството, констатираат од Канцеларијата на Народниот правобранител.