Обвинителството ќе утврдува кој давал, а кој земал од Пензискиот фонд


Кој е виновен за скандалот со неуплатените придонеси на 12.000 осигуреници ќе утврдува Обвинителството, доколку во документите што ги достави Министерството за труд и социјална политика најде доволно докази за да отвори постапка. Од ОЈО информираа дека кривичната пријава стигнала вчера попладне и дека била распоредена кај надлежен обвинител во скопско јавно обвинителство. Паралелно со ова, почнува и постапката за враќање на придонесите на сметките на оштетените осигуреници, што ќе оди на рати и ќе заврши до средина на годинава. Тие ќе го добијат и делот на приносот доколку нивните пари биле уплатени на време, во некое од приватните пензиски друштва.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во неделата обелодени дека во темелните истражувања на пензискиот систем, што ги правело Министерството со меѓународни финансиски институции за пензиската реформа, било откриено дека кај 12.000 осигуреници уплатените придонеси останале само во државниот пензиски столб. За нив воопшто не се распределувале средства во приватниот, втор столб, иако осигурениците ги исполнувале условите. Со тоа директно им било скратено правото не овие идни пензионери да имаат повисока пензија.

Во кој дел затаил системот во моментов не се знае, но од Министерството се сигурни дека осигурениците на кои им се крател придонесот биле избирани по случаен избор. Двете пензиски друштва, каде што требало да стигнат парите за придонесот, велат дека не знаеле ништо за незаконските кусоци.

Од Сава пензиско друштво АД Скопје соопштија дека друштвото кое управува со пензискиот фонд, по закон, само добива податоци кои членови се кај него распределени и нема евиденција за нововработените лица за кои треба да се изврши распределба.

„Процесот на распределба е законски дефиниран, при што обврските на Фондот на ПИОМ меѓу останатите се: времено распределување на осигурениците во задолжителен пензиски фонд, пренесување на придонесите на членовите на пензиските фондови на сметките на избраните пензиски фондови кај чуварот на имот, доставување податоци преку Агенцијата МАПАС на друштвата или друштвата за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови и водење целосна и ажурна евиденција за индивидуалните сметки на членовите од која се гледа состојбата на придонесите уплатени за членовите во секој пензиски фонд“, велат од пензиското друштво Сава.

И од КБ Прво пензиско друштво АД Скопје посочија кон Фондот.

„Фондот на ПИОМ има обврска веднаш, а најдоцна во рок од 5 работни дена од датумот на уплата на придонесот, да изврши уплата на дел од придонесот дефиниран со регулатива, на индивидуална сметка на членовите во соодветниот задолжителен пензиски фонд. Обврска на пензиските друштва е средствата што се префрлаат од страна на Фондот на ПИОМ, на име на придонеси за пензиско осигурување, согласно добиените податоци од нивна страна, да ги распределува на индивидуални сметки на членовите за потоа да се инвестираат. Пензиските друштва немаат податок за вработените лица што треба да бидат распределени во задолжителните пензиски фондови. Овој податок пензиските друштва го добиваат од Фондот на ПИОМ, а начинот на распределба на осигуреници е законски дефиниран“, соопшти и второто пензиско друштво.

Регулаторот на пензискиот систем, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), само извести дека целосно ја поддржува иницијативата на Министерството за труд и социјална политика и во рамките на своите надлежности ќе соработува со надлежните институции заради заштита на интересите на членовите на пензиските фондови.

Парите на осигурениците што влегувале, но не излегувале од дупката на Фондот за пензиско осигурување, сега ќе се надоместуваат од буџетот. Тоа значи дека 19 милиони евра од буџетските приходи, наместо за актуелни потреби, ќе одат за покривање стари долгови, направени со свесно непочитување на закон, и тоа не од еден туку од повеќе врзани субјекти.

Ама партиите, чии луѓе беа првенци во институциите што имаа обврска да се грижат за овие права на граѓаните, не гледаат одговорност кај себе. Злоупотребите се случувале 10-ина години, почнувајќи од 2007, во време кога во фотелјите на Фондот и на ресорното министерство беа кадри на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ.

„Не е пристојно министри и медиуми да определуваат одговорност во јавноста наместо одговорните институции, одговорност која во овој случај, претпоставувам, е верижна и системска“, ни одговори Артан Груби од ДУИ.

За ВМРО-ДПМНЕ очигледно е дека се продлабочуваат несогласувањата во власта меѓу СДСМ и ДУИ. „Мила Царовска за ова прашање нека го побара одговорот во ДУИ“, ни одговори портпаролот на партијата, Наум Стоилковски.

Од Алијансата за Албанците на Села реагираа: „Парите од придонесите што не се префрлени во вториот столб на пензиско осигурување најверојатно биле украдени од страна на функционери на ДУИ, кои 10 години управуваат со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија како единствен надлежен орган за собирање на пари за пензиски придонес“.

„Ја потсетуваме јавноста дека во овој период, со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Македонија раководеле следните директори на ДУИ: Исни Јакупи, Беким Незири и актуелниот директор Шаип Зендели, заедно со своите блиски соработници кои час поскоро треба да бидат изведени пред лицето на правдата и да ја добијат заслужената казна“, соопшти Алијансата за Албанците прашувајќи го премиерот Зоран Заев дали со овој коалициски партнер ќе ја зачлени земјава во ЕУ и НАТО и ќе ги исполни барањата на ЕУ кои стојат во извештајот за напредок од 2018 година, каде што главна точка е борбата против корупција?

Фондот немал точни податоци

За повеќе од 4.000 осигуреници, од оние околу 12.000 нераспределени осигуреници, работодавачите воопшто не уплаќале придонеси, информираше Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

„За нив е евидентиран само прием во осигурување и за нив нема последици во однос на сметката во вториот столб бидејќи немало уплати на придонес. Мора да се потенцира дека сите нераспределени осигуреници во вториот столб, се евидентирани како осигуреници членови само на првиот столб и нивните уплати на придонесот се користени за потребите на Фондот, како што се користи и придонесот кај останатите осигуреници кои според законската регулатива се членови само на првиот столб“, објасни Фондот.

Оттаму посочуваат дека имале тешкотии во распределбата на осигурениците во вториот столб затоа што имале проблеми со податоците што ги добивале од надворешни институции по автоматски пат.

„Пријавата М1 е од АВРМ, а податокот за обврзниците за плаќање на придонесот се добива од УЈП, и доколку овие податоци не се во согласност, Фондот не може да воспостави евиденција за осигурениците. Пријавата за прием во осигурување што ја пополнува работодавачот содржеше податок за првото вработување и тој податок, се користеше единствено од Фондот, при распределбата на членовите во вториот столб, а за останатите институции не беше од важност“, појаснуваат од Фондот.

Уточнувањето на податоците најчесто се вршело при остварување на право на пензија. Поради тоа, информираат, распределбата на членството е проследено со тешкотии поради отсуството на единствен, кохерентен, конзистентен и одржлив систем на регистрација и водење евиденција за осигурениците. За таа цел уште во 2009 година воспоставени се дополнителни контроли за евидентирање на првите вработувања на осигурениците според евиденцијата со која располага Фондот, а не од АВРМ, со што бројот на нераспределени осигуреници почна да опаѓа.

„Фондот не располага со посебна алатка за уточнување на податоците и во најголем број од случаите уточнувањето на податоците се врши по поднесување барање за пензија. Во тој момент осигурениците почнуваат активно да се вклучуваат во ажурирањето на сопствените податоци. Фондот повеќе пати во текот на своето работење ја укажува потребата од воспоставување единствен регистар на осигуреници каде што податоците ќе бидат единствени и точни и ќе бидат користени од сите институции вклучени во интегрирана наплата на придонесот. На овој начин сите ризици за регистрација и распределба би биле надминати“, сметаат од Фондот за ПИОМ и додаваат дека со преминувањето кон интегрирана наплата на придонесот ја изгубиле надлежноста за контрола и наплата на придонесот, со што се изгубила и можноста да се врши присилна наплата, а и воедно корекција на податоците за осигурениците.

Анита Салтировска